Добивај вести на Viber
Македонските аеродроми, споредено со лани, имале поголем број на патници во првата половина од годинава, информираат од Mинистерството за транспорт и врски.
Аеродромот „Александар Велики“ во Скопје за шест месеци регистрирал 443.601 патници, што е за 18,7 отсто повеќе од лани, кога биле регистрирани 373.692 патници. На овој аеродром е зголемен и бројот на летови за 8,7 отсто, а забележано е и зголемување на обемот на карго и поштенски сообраќај за 12,7 отсто во однос на истиот период лани.
Во првите шест месеци од годинава е забележан раст и на бројот на патници на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, вкупно 25.405 патници, или за 5,4 отсто повеќе од истиот период лани.
На овој аеродром, исто така е забележан пораст и во бројот на движења на воздухоплови за 8,9 отсто, како и зголемување на обемот на карго и поштенски сообраќај за 72,1%.