Пендаровски не дели исти ставови со советникот Малески
Објавено во: Македонија 30 Април, 2020
Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски одбјави дека ставовите за македонско-бугарските односи на шефот на државата не кореспондираат со неговиот советник Денко Малески, но од таму велат дека професорот има право јавно да го изрази своето мислење, односно дека тоа не му е забрането.
„Последните јавно искажани ставови на професорот Малески не кореспондираат со размислувањата и ставовите на претседателот Пендаровски за македонско-бугарските односи. Одамна е зад нас времето кога сите советници на претседателот и премиерот, до последен, имаа задача само да ги повторуваат ставовите на своите претпоставени“, се вели во дел од одговорот од Кабинетот на Пендаровски за РСЕ.
Малески е надворешен советник на претседателот Пендаровски, кој има уште двајца надворешни советници за прашања од областа на надворешната политика. Во Кабинетот, постојани советници за овие прашања се амбасадорот Гоце Карајанов и д-р Александар Љ. Спасов со кои претседателот е во комуникација на дневна основа. Освен споменатите, претседателот се консултира и со други експерти и професори од академската заедница и од МАНУ.