По гласањето за Брегзит и во Тексас сакаат да се одвојат
Објавено во: Свет 27 Јуни, 2016
По Брегзит, Тексас националистичкото движење, го повика гувернерот Грег Абот да поддржи вакво гласање и за тексасците, пренесе Ројтерс.
Групата, која тврди дека има речиси четвртина милион приврзаници направи неуспешен обид претходно да спроведе гласање за отцепување на Тексас на изборите во ноември. Претседателот на движењето, Даниел Милер рече дека кампањата ќе биде обновена за следниот изборен циклус во 2018 година.
Тексас бил независна држава од 1836 година до 1845 година и со економија од 1,6 трилиони долари годишно би бил една од 10-те најмоќни земји во светот, додаде Милер.
Експерти по уставно право предупредуваат дека ниту една американска држава не може да се оддели.
Кампањите за отцепување од САД се водени исто во Хаваи и Њу Хемпшир, каде групата „Проект за слобода на државата“ се стреми да создаде колонија од 20000 истомисленици, кои се против прекумерната улога на државата.
Повеќето движења за независност се мали и центрирани околу неколкумина лидери. Кампања за отцепување на Вермонт, наречена Втора република Вермонт, замре откако водачот почина во 2012 година Групата сонуваше за мала, демократска држава, која е заснована на еднаквост.