26 Април, 2024
0.0280

пишува: Мирче АДАМЧЕВСКИ

Предигра 2018

Објавено во: Колумни 23 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

Русите не ги интересираа изборите. „Единствена Русија“ доби 343 од можни 450 депутати во Државната дума. Опозиција е мислена именка. Комунистите на Генадиј Зјуганов, либералите на Владимир Жириновски и „ Справедлива Русија“ на Сергеј Миронов, како и досега ќе глумат опозиција во Думата. Ваква е сликата по неделните избори за составот на Државната дума во Руската федерација.

Во првиот извештај на ОБСЕ за изборите се констатира дека има напредок во поглед на јасноста и редот во гласањето, но притоа се забележани и мноштво процесуални нарушувања при пребројувањето на гласовите. А како викал Сталин? Не е битно кој гласал, туку кој ги брои гласовите. Набљудувачите на ОБСЕ исто така имат забелешки на водењето на кампањата, на користењето на административни ресурси...Илка Канерва, првиот човек на Парламентарната асамблеја на ОБСЕ, на прес конференција, изјави дека изборите поминаа со многубројни нарушувања и не им пружиле на избирачите реална политичка алтернатива на веќе постојните партии и покрај поедноставените процедури за регистрација на политичките партии. Според него општата слика покажува мноштво проблеми. Еден од нив е жестоката контрола врз државните медиуми. Тој смета дека на текот на изборите негативно влијаеле и ограничувањето на политичките права на граѓаните и државните медиуми. „Ако Русија сака да ја докаже својата приврзаност кон демократијата, таа е должна да обезбеди поголема слобода на самоизразување и поголемо вовлекување на граѓаните во јавниот живот“, изјави тој.

И Движењето „Голос“ кое се занимава со јавно следење на изборите смета дека имало многу нарушувања, иако помалку отколку во 2011 година. Според него станува  збор за сериозни нарушувања, како што е полнењето на гласачките кутии, возењето на избирачи на гласачки места и принудното гласање. Освен тоа Движењето смета дека на изборите активно се користени административните ресурси, а владеачката партија ги користела медиумите каде што има доминирачко влијание.

Сето ова нам ни звучи многу познато. Но, ако ние десет години  и при многу побројна опозиција не можеме да направиме пресврт во државава во насока на создавање вистинско демократско општество, а не имитација, кој знае колку време ќе им треба на Русите да го направат тоа.

Како и да е владеачката партија во Русија доби како никогаш досега места во Думата. Таа сега ќе може да носи закони дури и промени во Уставот само со гласовите на своите  депутати. Другите три партии ќе ги греат столчињата во Думата. Фактот што излезноста на изборите беше околу 47 проценти зборува сам за себе. Да беше одгласот на бирачите во провинцијата како во Москва и Санкт Петербург, тогаш ќе можеше да се зборува за катастрофална излезност. Но и овој факт оди во полза на владеачката структура. Токму малата излезност овозможи големо мнозинство во Думата за неа.  А од друга страна елиминација на она што значи вистинска опозиција. По изборите опозиционерот Михаил Касјанов, поранешен премиер, изјави дека се откажува од намерите да се кандидира на претседателските избори во 2018 година. И навистина со добиени помалку или околу еден процент гласови тешко дека би можел да направи нешто повеќе. Слично е и со други опозиционери или партии. Тие и за овие избори не успееаја да се обединат и така разединети не влегоа во Думата ниту со еден депутат.

Околу неизлегувањето на изборите има многу приказни.  Некои велат дека топлото време си го направило своето, па народот отишол на дачите. Други дека новите партии немале доволно пари да го освојат електоратот... Но еден експерт на „Еуроазија дејли“ се чини е многу близок до вистинскиот одговор. Според него: „Мнозинството избирачи  едноставно решиле да се самоотстранат од изборите, сваќајќи дека дека било кој резултат од изборите нема да доведе до какви било принципиелни промени во земјата. Составот на парламентарните партии, кои не се промени, може да се спореди со производство на вотка. Во разни шишиња се налева ист алкохол, но во зависност од етикетата и средствата потрошени за маркетинг, шишињата имаат разна вредност за купувачот и ист ефект при неумерена употреба“.

Вака како што стојат работите сега се чини дека думските избори беа увертира-предигра за претседателските избори во мај 2018 година. Путин, кој засега глуми тајновитост во тоа дали ќе се кандидра на нив, сигурно ќе го искористи составот на Думата да работи во негова полза. Да му овозможи во наредните 20 месеци да нема многу бранување, да ги аминува и да ги спроведува неговите замисли и намери.

А како во практиката ќе се остварува тоа? Па, на пример, да не се прават експерименти или поточно рефроми во економијата кои уште повеќе ќе ја влошат ситуацијата во државата. А таа плаче за реформи. Пред членовите на владата Путин, во понеделникот, меѓу другото зборуваше и за економијата. И порача: Преобразбите во економијата треба да бидат одмерени и обмислени. Треба, безусловно, да се избегне дури и намекнување на каква било шок-терапија. Реформите, според него, треба да водат сметка не за просечната, туку за реалната состојба на руските семејства и нивото на нивните доходи. Тој бара зголемување на ефикасноста, структурни промени во економијата и зголемена поддршка на граѓаните кои имаат потреба од неа.  Деновиве во Русија се проговори за иднината на економијата и експертите сметаат дека она што ќе се понуди, наместо развој ќе носи и натаму стагнација. А тоа значи дека до претседателските избори во 2018 година ќе се изгубат уште 20 месеци без да се направи барем мало придвижување напред. На Путин му е јасно дека само со популистичка економија ќе може да смета на победа на тие избори. Па сега може да очекуваме зголемување на трошоците за социјалата, одмрзнување на пензиите...

Новото мнозинство во Думата ќе му овозможи на Путин да ја оствари идејата, доколку навистина постои, за создавање на суперминистерството, односно Минстерство за државна безбедност за кое пишуваше весникот „Комерсант“. Официјален Кремљ тоа го негираше, но јавноста не молчи. Според „Комерсант“, основа на новото министерство треба да биде ФСБ (Федералната служба за безбедност), освен него во новото министерство  треба да влезат и СВР(Службата за надворешно разузнавање) и Федералната служба за обезбедување. Исто така би имало промени и во Државното обвинителство, Мнистерството за вонредни ситуации, МО и МВР. Целта би била да се зголеми ефикасноста на работата на тие органи и искоренување на корупцијата. Се предвидува оваа работа да биде завршена до претседателските избори 2018 година. Инаку, изминатата пролет беше формирана Национална гарда во која влегоа многу полициски подразделенија. Ја викаат гарда на претседателот.

Дека ќе има промени, сигурно ќе ги има. Путин годинава отстрани многу свои соборци од неговата блиска околина. Некои ги сметаа и за негови наследници. Имаше промени на генерали, на губернатори, во администрацијата. Најновата е дека досегашниот прв човек на Думата, Сергеј Наришкин ќе застане на челото на СВР уште на 5 октомври. Тој ќе го смени на тоа место Михаил Фрадков, кој пак ќе го пратат за прв човек во Руските железници! Наришкин, како и Путин, исто така е поранешен разузнавач.

Путин веројатно смета дека со ваквите потези ќе си го олесни реизборот во 2018 година. Можеби така ќе биде. Но предизвиците што се пред државата се многу големи. Од економски, воени и политички. Санкции, Сирија, Украина...Тој не треба да го сметне од умот фактот дека молчаливото мнозинство на средни или долги патеки ќе ја крене главата. Руската историја кажува дека во такви случаи прва жртва е системот.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД