Прибе држи лекции во Охрид, па ќе ги проверува реформите на Владата
Објавено во: Македонија 23 Јуни, 2017
Дипломатот Рајнхард Прибе пристигна во Македонија, но за почеток во улога на предавач на еднонеделната Школа на природно право што во организација на Македонската академија на науки и уметности и на Амбасадата на САД во Македонија се одржува во Охрид.
Тој пред дваесет и петте магистранти и петте докторанти на правни и политички студии одржа предавање на тема „Демократијата, владеењето на правото и човековите слободи – Важноста на демократските вредности за државите кандидатки за членство во ЕУ“.
„Задоволство ми е што сум тука, во Охрид, да учествувам на Школата за природно право и можноста да им пренесам на младите правници за европските интеграциски процеси и европските вредности што се предуслов за зачленување. Очекувам отворена дискусија со нив, се надевам дека ќе успеам на научна основа да им пренесам што значат европските интеграции“ - рече Прибе.
Се очекува Прибе во наредните денови да дојде во Скопје на средби со владини претставници за Итните реформски приоритети, како и за акцискиот план на Владата за нивно спроведување.
Тој го изготви извештајот со препораки за итни реформи кои беа неопходни за стабилизација на политичкиот систем пред да се одржат изборите во декември минатата година, а дел од тие решенија беа преточени и во договорот од Пржино со кој се формираше преодната влада.