20 Јули, 2019
0.0468

Приватно банкарство

Објавено во: Колумни 07 Мај, 2019

Приватното банкарство опфаќа широк спектар на финансиски услуги од сферата на управување со средствата на клиентот (совети за инвестирање, управување со инвестициите), offshore услуги, старателски сметки, трансфер на средства, кредитирање, финансирање на трговијата итн.

Горе наведените услуги се нудат на лица со големо богатство и силно изразени деловни интереси. Кое богатство ќе биде третирано како големо зависи од ставот на конкретната финансиска институција и демографските карактеристики на пазарот. На пример, прагот за богати клиенти од развиените земји е значително повисок од прагот за такви клиенти од земјите во развој. Начелно, како богати клиенти (high-net-worth individuals) во глобални размери се третираат лица коишто поседуваат финансиски средства во износ поголем од еден милион американски долари.

Приватноста и доверливоста се основни елементи на приватното банкарство. Покрај стандардните услуги, клиентите можат да побараат од банката нивната сопственост врз одредени средства или капитал да остане тајна. Во таков случај, банката станува фидуцијарен сопственик на средствата и капиталот, иако функционира во име и за сметка на клиентот. Кога банката функционира како фидуцијарен сопственик, таа има статутарни, договорни и етички обврски да ја чува тајноста на својот клиент.

Голем број банки основаат приватни инвестициски компании. Тие компании се посебни правни лица и имаат задача да работат со клиентите во сферата на приватното банкарство. Приватните инвестициски компании вршат централизирано управување со средствата на клиентите. Вакви компании се формираат во земји кои имаат многу мали даноци или воопшто немаат даноци, па претставуваат даночнираеви.

Следејќи ги современите трендови во банкарството (појавата на виртуелните валути, мобилното банкарство, финансиските иновации и сл.), институциите коишто ја нудат услугата на приватно банкарство настојуваат да се пробијат на нови пазари. На пример, традиционалните пазари на богати клиенти (high-net-worth individuals) во Европа бележат стагнација или незначителен раст, за разлика од земјите на Југоисточна Азија (пред се, Сингапур и Хонг Конг) каде што бројот на богати клиенти е во постојан пораст.

Што се однесува до рангирањето на банките коишто ја нудат услугата на приватно банкарство, во 2017 и 2018 година првите три места во светот ги држат UBS, JP Morgan и Credit Suisse. Ова рангирање е направено од страна на Euromoney врз основа на повеќе критериуми, меѓу кои се и квалитетот на услугите од сферата на приватното банкарство, бројот на исклучително богати клиенти (секој клиент поседува финансиски средства во износ поголем од 30 милиони американски долари), советодавни услуги за соодветна алокација на средствата и сл.

Кога е во прашање иднината на приватното банкарство, банките коишто ја нудат оваа услуга се повеќе стануваат свесни дека нивните богати клиенти поседуваат информации за различните можности за инвестирање ширум светот. Во услови кога каматите се ниски, а пазарот на капитал е нестабилен, клиентите сакаат своите средства да ги насочат кон директни инвестиции коишто на долг рок ќе го оплодат нивниот капитал, наместо кон портфолио инвестиции од кои се очекува за релативно кратко време да овозможат поврат на вложените средства. Ваквите трендови бараат од банките да остварат долгорочна соработка со своите богати клиенти со цел целосно да ги разберат нивните можности и потреби.

Покрај тоа, банките мораат да водат сметка дека во иднина можат да имаат конкуренција во Google, Amazon или Facebook, коишто во моментов не нудат финансиски услуги, но поседуваат огромен број на податоци за своите корисници, Исто така, овие сервиси поседуваат и лиценци за издавање на електронски пари. За волја на вистината, конкуренцијата на овие интернет сервиси, како и на Fintech компаниите сеуште не е многу загрижувачка за банките коишто ја нудат услугата на приватно банкарство (пред се, заради долготрајноста на деловниот однос на клиентите со банките и високиот степен на доверливост), но и оваа ситуација може да се промени со тек на време.

 

д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народна банка на Република Северна Македонија


Можеби ќе ве интересира

Империјата го возвраќа ударот

Империјата го возвраќа ударот

„Слугата на народот“ ќе ја освојува Украина

„Слугата на народот“ ќе ја освојува Украина

Бугарски турист

Бугарски турист

Главни карактеристики на Европскиот модел на земјоделството

Главни карактеристики на Европскиот модел на земјоделството

Мајтапчиите, Заев и Зеленски

Мајтапчиите, Заев и Зеленски

Доцна стигна Вучиќ, на Косово поле

Доцна стигна Вучиќ, на Косово поле