Репантен: Франција сака Србија да биде следната членка на ЕУ
Објавено во: Свет 02 Септември, 2013
Франција сака Србија да биде следната земја, која ќе влезе во Европската унија, изјави денеска во Белград францускиот министер за европски прашања Тjери Репантен на заедничката прес-конференција со српскиот премиер Ивица Дачиќ.
Репантен и Дачиќ се согласиле дека Франција и Србија имаат исклучително добри политички односи и оти двете земји се залагаат за продлабочување на соработката во областите на економијата, одбраната, правдата, полицијата и културата.
- Треба да сториме се што е во наша моќ за да ги зајакнеме односите, кои се темелат на традиционалното пријателство меѓу Србија и Франција, нагласи српскиот премиер.
Репантен додаде дека Франција треба да го зајакне своето присуство во Србија.
Тој потенцира дека Франција ќе продолжи да ја поддржува европската интеграција на Србија и понуди најразлична помош од француска страна во тој процес.
Со посетата на Белград францускиот министер ја почна балканска турнеја во рамките на која ќе ги посети и Црна Гора и Косово.