САКАШЕ, А НЕ УСПЕА ДА НЕ ВНЕСЕ ВО ЕУ - Туск избран за лидер на ЕПП
Објавено во: Македонија 21 Ноември, 2019
Доналд Туск, претседател во заминување на Европскиот совет, е избран за претседател на Европската народна партија (ЕПП).
Ова беше одлучено синоќа во Загреб од страна на претставниците на партиите, пред кои Туск вети дека ќе се бори против популистите.
За Туск гласаа 491 пратеник, а против беа 37, на Конгресот на алијансата на европските демохристијански партии.
Туск беше единствениот кандидат за нов лидер на европската партија на десен центар и најсилната група во Европскиот парламент.
Туск во Македонската јавност ќе остане запаметен по тоа што во Брисел во октомври жестоко се бореше на Самитот на европските лидери Северна Македонија да добие датум за почеток на преговори со Европската унија.
Тој имаше и средба со премиерот Зоран Заев пред одлуката на лидерите, каде беше заклучено дека нашата земја и граѓаните ги исполниле сите услови за донесување одлука за почеток на преговори, правејќи храбри чекори и сериозни реформи.
По негативниот исход за земјава, пак, Туск упати порака да не се откажува.
„Ве молам не се откажувајте. Целосно ја разбирам вашата фрустрација, затоа што вие го завршивте вашиот дел, а ние не. Апсолутно немам сомнеж дека еден ден ќе станете полноправни членки на ЕУ“, ни порача Туск.
На две недели пред заминувањето од функцијата, пак, Доналд Туск, во остар говор на Универзитетот во Бриж отворено кажа што мисли за состојбите во ЕУ и за политиките на Емануел Макрон.
Доналд Туск го предводеше полни пет години, од 2014 до крајот на овој месец. Секогаш важеше за отворен политичар без „влакна на јазикот“.