СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ нема да го сокрие фактот дека го дуплираше јавниот долг
Објавено во: Македонија 15 Август, 2017
Од СДСМ велат дека ширењето лаги и вадењето цифри од ракав на функционери на опозициската партија, нема да го сокрие фактот дека ВМРО-ДПМНЕ за време на своето владеење го дуплираше јавниот долг од 23% од БДП во 2008, на 47% од БДП во 2016 година.
„Огромниот долг што ВМРО-ДПМНЕ го остави зад себе е резултат на расипничкото, коруптивно и криминално работење на раководството на партијата, кое што парите на граѓаните ги трошеше на криминални и тајни тендери, луксуз, лажен барок и споменици“- реагира СДСМ по обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека власта ја задолжува Македонија.
Од партијата додаваат дека Владата предводена од СДСМ ги рационализира трошоците и одговорно и транспарентно управува со парите на граѓаните. Преку домаќинското работење и одговорното управување со долговите, Владата успеа да го намали јавниот долг за прв пат по 2008 година.
Наведуваат дека парите на граѓаните повеќе не се трошат тајно и расипнички за палми, врби, споменици и панорамски тркала, туку транспарентно и отчетно се користат за повисока минимална плата, за решавање на проблемот со стечајците, за мерки за вработувањa и поголема помош за домашните претпријатија.