Се очекуваат ли нови напади во Брисел?
Објавено во: Свет 23 Ноември, 2016
На Брисел му се заканува нов напад, јавуваат медиумите во Белгија, без да се потпираат на јасен извор.
Според шпекулациите најверојатно цел е Божиќната чаршија во градот.
Службите за безбедност коментираат дека чаршијата е вообичаена цел за терористите, но и дека засега не гледаат причина за највисок степен на подготвеност за напад. Медиумите забележуваат дека вчера американскиот Стејт департмент предупреди за можни напади во Европа за Божиќ.
Божиќната чаршија во Брисел ќе биде отворена во петокот. Вообичаено ова место привлекува околу 1,5 милиони посетители во деновите околу празникот.
Белгиските медиуми денеска јавуваат дека во последните часови двајца осомничени за тероризам се ослободени од притвор. Насер Бандер, наводен соучесник на бомбашот од Еврејскиот музеј во Брисел во 2014 година, е француски државјанин и ќе биде вратен на Франција.
Вториот ослободен е Самир Шажуани. Тој беше осомничен за намери за напад во центарот на белгискиот главен град ова лето. Тој е ослободен условно.