Добивај вести на Viber
Општината Ѓорче Петров денеска започна со проценка и санација на штетите по вчерашното невреме кое го зафати овој дел од Cкопје. Како што информираат од општината, формирана е комисија која веднаш излегла на терен за да изврши проценка.
„Екипи од општината веднаш по невремето излегоа на терен и почнаа со расчистување на штетите на главните сообраќајници и собирни улици. Општината формира и комисија која веднаш излезе на терен за да ги констатира штетите од невремето на лице место и да изврши проценка. Механизацијата и комуналните служби и денешниот ден го искористија за санирање на штетите“ - се вели во соопштението.
Cпоред информациите, констатирани се штети кај објектите во сопственост на општината, како и на покривите на училиштата и градинките. Кај домаќинствата најголеми штети има во подрумските простории каде на некои места висината на водата изнесуваше повеќе од 30 до 40 см.
„Општината реагираше соодветно во рамките на своите можности. Комуналните служби и механизација ангажирана од општината, веднаш по непогодата излегоа на терен и го расчистуваа хаосот. Пред се се дејствуваше на најпроблематичните места, главните сообраќајни артерии и собирните улици. Се расчистуваа скршените гранки и се одзатнуваа сливниците, се помагаше на граѓаните во санирање на состојбата“, се вели во соопштението од општина Ѓорче Петров.
Невремето кое вчера ја зафати општината Ѓорче Петров, а кое беше проследено со поројни дождови и силен ветер, направи големи штети. За само половина час, наврнале 70 литри вода на м2. Поплавени се подрумите на многу станбени објекти, искршени се дрвја и затната е дел од канализацијата.