Си ја пробале среќата во Ирска и се вратиле разочарани
Објавено во: Балкан 04 Февруари, 2017
Ирскиот суд оваа недела исели 50-тина луѓе од предградие во Даблин, затоа што живееле во нехумани услови, а меѓу нив има и Хрвати.
Тие за сума од 200 евра живееле во неколку соби, користеле кујна и бања.
Сепак, барањето ново сместување е проблем за сите кои треба да се иселат.
Ова го потврдува и девојка од Осијек, која таму заминала во 2014 година, но по 14 месеци се вратила. Раскажува дека сместувањето е скапо, но не секој успева да најде работа во Ирска.
Таа во стан со три цимерки плаќала 450 евра.
„Сами не можете. А, ако сакате да живеете сами, тогаш за најмало студио нема да ви стигнат ни 1000 евра. Такво сместување можат да си дозволат само оние кои имаат подобра работа“ - раскажува девојката од Осијек.
Таа неколку години не можела да најде работа во родниот град и заминала во Даблин. Вели дека таму и да најдете работа, почнувате од нула.
Како што имало наплив на Хрвати, додава дека потешко се наоѓало работа.
Многу од нив разочарани се вратиле назад. Девојката од Осијек вели дека кога би бил Даблин поблиску, би одела на сезонска работа.
„Луѓето заминуваат и мислат дека ќе биде лесно. Во Осијек се вратив затоа што тука припаѓам“ - вели таа.
Планира да бара работа во родната Хрватска.