Силјановска Давкова вели дека за правата на малцинставата треба да важи реципроцитет
Објавено во: Македонија 23 Јануари, 2022
Aко Бугарија бара признавање на бугарското малцинство и таа треба да го признае македонското, вели професорката и пратеник Гордана Силјановска-Давкова.
Таа вели дека тука особено треба да важи начелото на реципроцитет, односно како што Бугарија бара признавање на бугарско малцинство во Македонија, истото треба да го направи и таа, и во Бугарија да го признае македонското малцинство и да ги гарантира неговите права, што е во согласнот и со добиените пресуди од Судот за човекови права кои ги покренаа Македонците во Бугарија.
„Мој белгиски колега вели, Уставот треба да се менува со рака што трепери од одговорност. Да, ние го менуваме Уставот со рака што трепери од страв, до сега неколку пати. И замислете, за триесетина години 36 амандмани, споредено со САД, за повеќе од 200 години, 27 амандмани, имаат илјада предлози и пет илјади неуспешни обиди. Проблемот е што ние, дали треба да го смениме Уставот, јас одговорно тврдам и тоа ќе го направиме. Србија тоа сега го правање со референдум, во функција на ЕУ интеграцијата, меѓутоа не со барање од надвор, туку со барање од внатре“, вели пратеничката.
Бугарија инсистира на внесување на Бугарите во Уставот. Но, и Македонците во Бугарија бараат Софија да ги признае.
Инаку, дека впишувањето на Бугарите во Уставот е штетно колку и ветото, тврди основачот и претседателот на Бугарскиот културен клуб – Скопје, Лазар Младенов за Дневник.бг.
Тој прашува дали политичарите во Софија се сигурни дека опозицијата во Македонија, поточно ВМРО-ДПМНЕ, ќе прифати таква идеја.