09 Мај, 2024
0.0251

СКОПЈЕ 2016: Можевме ли подобро?

Објавено во: Економија, Колумни 13 Август, 2016

Добивај вести на Viber

Пред неколку години напишав еден текст со наслов ВАРДАР 2014 објавен во списанието на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на РМ (бр. 18), каде што освен за „новата“ улога на реката Вардар, што надвор од секоја логика, инженерски и еколошки принципи и е доделена, во малку поширок контекст, беше изнесено со факти и аргументи што не смееше, а што требаше да се гради во Скопје. Овој напис го завршив со реченицата- Империјата Природа знае да го возврати ударот. И еве, жално е што морам да констатирам дека тоа се случи. Деновиве се изначитавме за многу претпоставки за причините на настанот што се случи на 6 август, некои политички (кога некој друг е виновен за сè), некои паушални и дубиозни, некои професионални и предупредувачки. Ќе се обидам да дадам придонес кон оваа последната група. Генерално, причините можат да се класифицираат како природни и антропогени. Во природните се климатските регионални услови кои  често се поистоветуваат со климатските промени, што не е точно. Имено, под поимот „клима“ или „климатска варијабилност“ се подразбираат временските услови во одреден регион за подолг период (на пример сто, илјада или милион години). Поимот „климатски промени“ тесно се поврзува со промена на временските услови заради глобалното затоплување на атмосферата и негативните влијанија предизвикани од човекот, а тие промени денес се случуваат многу побрзо отколку било кога во последните 2.000 години. Антропогените причини се активностите на човекот и тие се бројни и причинско – последично поврзани. Кога на природните појави ќе се надоврзат несоодветни човечки активности – се случуваат катастрофи. Поедноставено, причините за трагичниот 6 август, според степенот на приоритет можат да се сведат на: а) промена на структурата на сливното подрачје, а со тоа и промена на режимот на течење на водите (изразен преку т.н. коефициент на истекување), б) непостоење на атмосферска канализација и в) неодржувана изградена инфраструктура. Во основата на сите нив би ги сместила ниските капацитети на државата и институциите и општата неорганизираност. Промената на коефициентот на истекување се однесува на количината на површинското истекување во услови на врнежи што е тесно поврзано со промена во користење на земјиштето. Вакви промени во градот Скопје особено интензивно се случуваат последните десетина години. Имено, се урбанизираат претежно зелени површини, а таквата трансформација од природни површини со висок степен на инфилтрација, во бетонски непропустливи површини, предизвикува еден ист дожд со иста количина, интензитет и траење, да се манифестира со значително поголемо површинско истекување и со значително пократко време на постигнување на максималниот проток, Слика 1. Ова секако има големо влијание и врз изградената атмосферска канализација која била димензионирана со поинакви/помали коефициенти на истекување и со капацитет за евакуација на соодветни/помали протоци од површинското истекување. Затоа, последните години при секој (и помал дожд) улиците во градот се претвораат во реки, што заради непостоење на атмосферска канализација, што заради недоволен капацитет на постојната. [caption id="attachment_230869" align="aligncenter" width="560"]slika1 Слика 1. Влијание на урбанизацијата врз хидрограмот на површинско истекување[/caption] На Слика 2 се покажани промените во компонентите на хидролошкиот циклус како резултат на намалување на природните/зелени површини и зголемувањето на асфалтните и бетонските површини. Градот Скопје последните десетина години е експеримент на нечии визии и вкусови артикулирани преку сомнителни и непрофесионални урбанистички планови, кои ја нарушуваат природната рамнотежа во животниот простор. Тоа се манифестира, на пример, со зголемени температури на воздухот, зголемена евапорација, намалување на квалитетот на водите, намалување на биолошките екосистеми, како и со зголемување на фреквенцијата и големината на поплавите. На овој факт неколкупати јавно апелираа експертите преку бројни истражувачки студии, но државата упорно ги интензивираше овие проекти и активности „опасни“ по безбедноста на градот и луѓето. Имено, во студијата „Ни снемува дрва“ (Грчева и др., 2012) се наведува дека зелените површини што градот Скопје ги имал во 2002 година, во 2012 биле намалени за 50%, а денес несомнено тој процент е уште помал имајќи во предвид со каков интензитет продолжуваат таквите деструктивни активности против квалитетот на живеење и против урбаниот екосистем. На ова се надоврзува и уништување на шумите во околината (Скопска Црна Гора, Водно) за што експертите од шумарството често предупредуваат, како заради зголемениот степен на ерозивност, така и поради зачестената појава на свлечишта и одрони. ДОСТА Е – ако има кој да слушне! [caption id="attachment_230870" align="aligncenter" width="557"]slika2 Слика 2. Промена на компонентите на водниот биланс со промена на користење на земјиштето[/caption] Втората наведена причина се проблемите со атмосферската канализација. Капацитетот на постојната канализација треба да се преиспита заради промените во користење на земјиштето. Имено, ако во времето на нивно проектирање и изведба се одводнувале одредени површини со одреден коефициент на истекување, денес тие параметри се сменети и се доста поголеми. Освен тоа, доколку се покаже дека врнежите од 6 август се некаков екстрем (што лично сметам дека врнежи од 90 л/м2 не се ретка појава за Скопскиот регион), треба да се знае дека атмосферските канализации и другите објекти за одводнување (мостови, пропусти) не се димензионираат на екстреми. Исто така, постои опасност дека голем дел од градбите кои претежно индивидуалното домување го трансформираат во колективно, со атмосферското одводнување се приклучуваат на фекалната канализација и/или обратно. Според неофицијални податоци од јавните претпријатија, во градот Скопје според урбанистичкиот план предвидени се околу 2.600 км улици, а изградени се околу 1.600 км, од кои само околу 240 км се покриени со атмосферска канализација. Третата причина е неодржувањето на изградената инфраструктура. Ова особено се однесува на каналите за одводнување, изградени за време на поранешната држава Југославија, кои функционираа ефикасно. Денес таквите канали ги нема, а и ако останал некој дел, истите се претворени во депонии. Објектите за одводнување на патиштата (пропустите) исто така не се одржуваат. Најчесто се затрупани, со значително намален капацитет и/или сосема без функцијата што им е наменета. И како основа на сето ова, неорганизираноста и ниските капацитети на државните институции е проблем кој се елаборира во стручната и научна јавност веќе подолго време, но за жал ништо позитивно не се случува на овој план. Оваа причина излегува од чисто „административни рамки“, опфаќајќи активности како што се мониторингот, раното предупредување и алармирање, управување со ризикот од поплави и оперативната заштита од поплавите, управување со сливните подрачја и екоситемите, управување со користење на водите, управување со здравјето и други сектори и дејности. Доколку мониторингот беше подобар и се располагаше со информации за рано предупредување, и доколку телата за справување со кризи имаа поголем капацитет, не требаше барем да има човечки жртви. Практиките за управување со сливните подрачја во минатото, иако застарени од аспект на современата наука, беа добро разработени и даваа резултати. Се уредуваа поројните водотеци и се контролираше нивната функционалност. На пример, беа изградени прегради за намалување на големиот наклон на водотеците (во сливот на Пена, во сливот на Поројска Река) кои за жал со години не се одржуваат, со што се зголемува ранливоста на претходно релативно добро заштитени подрачја. Токму овие прегради имаа клучна улога во заштитата на Тетово и други населени места од поројните врнежи кои точно пред една година го зафатија регионот и покрај огромната материјална штета, за жал, однесоа и човечки животи во с. Шипковица. Поројни водотеци – притоки на реката Вардар (Серава, Црешовска, Раштанска, Марковска) не се уредени. Многу често, речните корита кои најголем дел од годината или во текот на повеќе години останале суви (што заради регионалните или локални хидролошки услови, што заради нивно зафаќање во горните делови) се узурпирани и трансформирани во урбанизирани или земјоделски површини. Меѓутоа, во влажни хидролошки периоди истите се полнат и се излеваат како што тоа се случи со водотеците кои гравитираат кон обиколницата. Овој објект несомнено од хидролошки аспект е добро димензиониран со меродавни води со веројатност на појава од 1% согласно светските практики и препораки. Меѓутоа, овој статистички податок значи дека во локалниот слив можат да се појават и протоци со помала веројатност (односно протоци поголеми од меродавниот со кој се димензионирани пропустите). Превентивното делување и управување со ваквите состојби е основно за намалување на последиците. Денес, без разлика на тоа што самостојно сме презеле обврска да ги спроведуваме модерните пристапи на управување со водите и другите поврзани ресурси, како што е тој на Рамковната директива за води на ЕУ, жално е да констатираме дека напредокот е недоволен. Имајќи го во предвид значењето на управувањето со поплавите, како и негативните искуства од минатото, ЕУ изработи и спроведува посебна директива за поплави. И покрај тоа што се тврди дека усвојувањето на оваа директива кај нас е од висок приоритет, сепак, фактите покажуваат дека не постои задоволителна динамика на интегрирање и особено спроведување на ова, со години акумулирано искуство за заштита од поплавите во земјите членки на ЕУ. Иако, спроведувањето на овие пристапи има финансиски импликации, со многу едноставни анализи, може да се докаже дека истите се незначителни во споредба со општествените трошоци од неправилното управување со водите и животната средина или како во конкретниов случај со обесштетување на населението и санирање на материјалните штети. Поради ваквиот однос, како професор и истражувач на овие теми, со жалење можам да констатирам дека државата забрзано ја губи огромната експертиза акумулирана во оваа област во текот на минатите децении. Промената на генерациите и иселувањето на стручниот кадар дополнително го намалува нашиот капацитет и ја зголемува ранливоста на нашето општество кон идните слични појави кои се неизбежни. Сепак, во текот на изминатите години огромна експертиза е искористена во стручни студии и планови за управување со водите, речните сливови и поплавите во државата, главно во рамките на проекти финансирани и спроведувани од страна на меѓународни организации (УНДП, Швајцарската агенција за развој и соработка и ЕУ). Дел од тие мерки веќе се спроведуваат, повторно благодарени на меѓународна финансиска и техничка поддршка. Пред повеќе од една година, преку УНДП, лично бев вклучена во изработката на извештај/студија со наслов „Предлози за воведување на управување со ризикот од поплави согласно барањата на Директивата за поплави на ЕУ“. Извештајот беше изработен од интередисциплинарен тим низ процес со многу предизвици – како да им се пристапи на поплавите и регулативата во една кохерентна анализа. Станува збор за прв ваков сеопфатен обид да се процени улогата на домашното законодавство за водите во контекст на управувањето со ризикот од поплавите. Резултатот е една прегледна студија која ги дефинира главните аспекти на темата, во светло на најдобрите практики од ЕУ. Извештајот предлага најповолна алтернатива која би одговорила на барањата на Директивата за поплави во домашниот систем, како и преглед на процесот за нејзино постепено воведување преку низа на правни и институционални подобрувања. Доколку препораките на овие студии, стратегии, планови и проекти, во кои е сконцентрирано огромно знаење, се спроведуваат како што се предлага, последиците од настани како тој на 6 август ќе бидат далеку помали. Ако, пак, овие препораки не станат приоритет и доколку не се обезбедуваат средства за континуиран и ефикасен мониторинг, за одржување на опремата и инфраструктурата и стручни анализи и моделирање, тогаш ваквите катастрофи ќе станат честа појава, поткопувајќи го развојот на нашето општество. Проф. д-р. Цветанка Поповска Катедра за хидраулика, хидрологија и уредување на водотеците Градежен факултет

Можеби ќе ве интересира

ПОРАДИ ЕНОРМНА ПОБАРУВАЧКА ОД РУРАЛНО ВО БИЗНИС СЕЛО - растечката индустрија на перики поттикна промени во источна Кина

ПОРАДИ ЕНОРМНА ПОБАРУВАЧКА ОД РУРАЛНО ВО БИЗНИС СЕЛО - растечката индустрија на перики поттикна промени во источна Кина

ТОП 5: Продадоа најмногу струја во Македонија, двајца трговци се новоетаблирани од Албанија

ТОП 5: Продадоа најмногу струја во Македонија, двајца трговци се новоетаблирани од Албанија

КЕЛНЕРИ ВО ХРВАТСКА: Реална ли е платата од 2.000 евра?

КЕЛНЕРИ ВО ХРВАТСКА: Реална ли е платата од 2.000 евра?

СУША ВО ВИЕТНАМ: Кафето ќе поскапува

СУША ВО ВИЕТНАМ: Кафето ќе поскапува

НЕВРАБОТЕНОСТ ВО ЕУ: Koи земји се со најниска стапка?

НЕВРАБОТЕНОСТ ВО ЕУ: Koи земји се со најниска стапка?

РАСТАТ ЦЕНИТЕ И ВО УГОСТИТЕЛСТВОТО - најмногу поскапеле ноќевањата, но и храната во рестораните

РАСТАТ ЦЕНИТЕ И ВО УГОСТИТЕЛСТВОТО - најмногу поскапеле ноќевањата, но и храната во рестораните

САМИТ НА МАКЕДОНИЈА2025 НА 15 И 16 МАЈ – ФОКУС НА ИНИЦИРАЊЕ ПРОМЕНИ И ИНОВАЦИИ ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

САМИТ НА МАКЕДОНИЈА2025 НА 15 И 16 МАЈ – ФОКУС НА ИНИЦИРАЊЕ ПРОМЕНИ И ИНОВАЦИИ ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

НАЈБОГАТИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ ИМ ОБЈАВИ ВОЈНА НА ГИГАНТИТЕ СО КАРТИЧКИ: Доста е!

НАЈБОГАТИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ ИМ ОБЈАВИ ВОЈНА НА ГИГАНТИТЕ СО КАРТИЧКИ: Доста е!

ИНФЛАЦИЈАТА ПОВТОРНО ВИСОКА - на годишно ниво е забележан раст од 4 проценти, еве каде има најголемо поскапување

ИНФЛАЦИЈАТА ПОВТОРНО ВИСОКА - на годишно ниво е забележан раст од 4 проценти, еве каде има најголемо поскапување