Државно претпријатие направи добивка од 100 милиони евра и ја зголеми просечната плата за 100 евра
Објавено во: Економија 07 Мај, 2024 07:55
Јавното претпријатие „Државни патишта“, кое од лани ја организира изградбата на автопатите од Коридорот 8 и 10д со изведувачот „Бехтел и Енка“, на крајот од минатата година оствари добивка од речиси 100 милиони евра.
Ова е рекордна добивка на ова државно претпријатие, а најверојатно ќе биде најголема за 2023 во однос на сите останати производни друштва, банки и компании за услуги во земјата. ЈПДП во 2023 има приходи од точно 12.844.555.965 денари, или поточно 210 милиони евра. Од овие собрани средства, речиси половина останале како профит - 5.906.427.172 денари, или околу 96 милиони евра.
Добивката на „Државни патишта“ е за 40 милиони евра поголема од 2022, кога таа изнесуваше 56 милиони. Во 2021 таа изнесувала околу 24 милиони евра. За 2020 пак претпријатието оствари огромна добивка од околу 76 милиони евра. Од јавното претпријатие досега немало јавен отчет зошто акумулира вака големи добивки и како ги распоредува.
Добриот резултат во билансот се почувстувал и во нето платите. На крајот на 2023 за 362 вработени имало 46.000 денари просечна нето плата, која била зголемена за 6.000 денари за една година. За две години таа е зголемена за 9.000 денари.
Друштвото кое остварува приходи генерално од патарини, акцизи на гориво, провизии од регистрации и евентуално државни субвенции, најголемиот дел од трошоците го насочува за враќање на ратите и каматите од кредитите од меѓународните кредитни институции кои ја финансираат изградбата на македонските патишта. Во делокругот на работата е и изградбата, реконструкција и рехабилитирање на магистралните и регионални патишта, а дел од приходите се наменети за нивно одржување преку исплата на јавното претпријатие порано познато како „Македонија пат“.
Инаку ЈПДП со своите приходи и евентуална добивка не ја покрива работата на конзорциумот „Бехтел и Енка“, чии првично проценети трошоци ќе изнесуваат 1,3 милијарди евра, туку парите се директно обезбедувани од националниот буџет.
Лани единствено странскиот инвеститор од Бунарџик, „Џонсон Мети“ (72,7 милиони евра), оствари поголема добивка од ЈПДП за 2022.
За истакнување е и тоа што рапидно се зголемиле краткорочните обврски за враќање на основиците и каматите од меѓународните кредити. За кратко време „Државни патишта“ треба да врати 10 милијарди денари, односно повеќе од 160 милиони евра.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии
ЕБОР: Рекордно ниско ниво на лоши кредити во Централна, Источна и Југоисточна Европа
На бензинските пумпи се појави нов вид гориво: Ќе се испорачуваат со „розови пиштоли“, а ќе може да се користи во сите автомобили
Планирате патување на одмор? Овие аеродроми во Европа ќе штрајкуваат до крајот на годината
Германија ги заострува условите за социјална помош
Руски министер кажа колкав процент од БДП потрошиле за војната во Украина
(ВИДЕО) АВСТРАЛИЈАНЕЦ СЕДУМ ГОДИНИ СОБИРАЛ АМБАЛАЖА: Заштедил за куќа
Колку дозволи издаде Хрватска за македонски работници?




