Српскиот туризам ќе расте до 1.4 милијарди со гости од Кина и Иран
Објавено во: Балкан 02 Јануари, 2018
Српските власти очекуваат рекордна 2018 година со приливи од над 1,4 милијарди евра од туризмот благодарение на зголемениот број на гости кои треба да пристигнат од Кина и Иран.
Српскиот министер за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ откри дека во првите 10 месеци Србија има девизен прилив од туризмот од околу 970 милиони евра, па ако се следи тој тренд зацртаниот развој е сосема изводилив.
Тој рече дека планираните 1,4 милијарди евра девизен прилив за оваа година може да бидат лесно остварена цел имајќи го во предвид безвизниот режим со Кина и авиолинијата Пекинг-Белград преку Прага што може да биде причина за посета на многу кинески туристи на српскиот главен град и други атрактивни места за гости од странство.
Љајиќ додаде дека за растот ќе придонесе и тоа што во јануари ќе се воспостави директна линија Техеран-Белград. А од февруари приватна компанија од Иран почнува со нова авио линија на таа релација.
- Цел за 2018 година се околу 3,4 милиони туристи и од тоа бројот на странски туристи да биде поголем од 1,6 милиони - нагласи српскиот министер.