Талат Џафери ќе може да гласа на претседателските избори
Објавено во: Македонија 27 Февруари, 2019
Талат Џафери, претседателот на Собранието, изјави дека овој пат го има на Избирачкиот список на ДИК и ќе може да гласа на претседателските избори.
Тој и поранешниот премиер и претседател на Македонија, Бранко Црвенковски, беа најпопуларните личности кои не си го најдоа своето име за гласање на референдумот за промена на името изминатиот септември и не можеа да гласаат.
Од ДИК потоа објаснија дека во тој период им истекол рокот на личните документи за идентификација и се уште немале извадено нови, па требало самите да ја известат комисијата.
Во денешниот брифинг со новинарите рече дека и да сакал да го заштити Трајко Вељаноски не би го направил тоа од професионални причини. Повтори дека за Собранието да донесе одлука за барањето за притвор на Вељаноски мора да има одлука на комисијата за мандатно-имунитетни прашања.
-Проблемот се јави, објаснува тој бидејќи не е деловнички предвидено како да се постапи кога комисијата нема заклучок бидејќи има ист број гласовите за и против. Нема процедура не можам ад хок да смислам процедура – рече спикерот.
Вељаноски како поранешен претседател на Собранието е осомничен од судот дека е еден од организаторите на 27 април но Собранието не му го одзеде пратеничкиот имунитет и засега нема да оди во притвор.