06 Декември, 2019
0.0170

Техники на перење пари во сферата на осигурувањето

Објавено во: Колумни 08 Март, 2019

Во сферата на осигурувањето постојат повеќе техники на перење пари. Имено, широката палета на производи и услуги коишто им стојат на располагање на клиентите, им овозможува на криминалните структури да гипласираат своите нечисти пари во системот и да обезбедат поврат на легални средства. Со оглед на тоа што осигурувањето се повеќе бележи експанзија во нашата земја, потребно е да се посвети посебно внимание на опасноста од инволвирање на овој сектор во процесот на перење пари.

Животното осигурување и плаќањето на премија по тој основ е меѓу „најпопуларните" техники на перење пари. Субјектите коишто вршат перење пари ја сфаќаат осигурителната полиса како можност за инвестирање. Еднократното или повеќекратното уплаќање на премија на овие субјекти им носи редовни приноси на месечно или годишно ниво. Доколку осигурителната компанија не го испита потеклото на средствата што се уплаќаат во вид на премија, криминалците ќе можат да „инвестираат" нечисти пари, а како поврат да добијат легални пари од осигурителната компанија.

Измамите релативно често се случуваат во секторот на осигурување. Секоја измама не мора да значи дека станува збор за перење пари, но такви случаи, секако, се можни. Имено, еден од методите на перење пари е набавка на стоки со висока вредност со помош на нечисти пари. Тие стоки потоа се осигуруваат од одредени ризици. Доколку настане осигурен случај осигуреникот ќе може да добие легални пари за стоките коишто ги купил со нелегални пари.

Многу често осигурителните полиси се купуваат со готови пари. Таквата појава е карактеристична за земјите во развој. Во развиените земји, осигурителни полиси со готови пари не се купуваат директно од осигурителните компании, туку од нивните посредници. Како и секој друг пласман на средства со готови пари во финансиска институција, така и овој може да биде злоупотребен во функција на перење пари.

Преносот на средствата на трети лица, исто така, може да биде злоупотребен во функција на перење пари. Во овој случај осигуреникот како корисници на средствата наведува трети лица кои не и се познати на осигурителната компанија. Кај тие трети лица не е утврден идентитетот, ниту пак е испитан нивниот бонитет и интегритет. Поради нејасноста на изворот на средствата и односот на осигуреникот и третите лица, може да се претпостави сомнителноста на трансакцијата.

Постојат повеќе начини на злоупотреба на меѓународните трансакции во функција на перење пари. Наједноставните начини вклучуваат плаќање на премијата од сметка во странска банка или исплата на осигурителните полиси на комитенти кои работат на територија под странска јурисдикција. Можни се и префрлања на средствата од една странска банка во друга што само ја отежнува контролата на нивниот тек и испитувањето на изворот на средствата од страна на осигурителната компанија. Исто така, во својство на комитенти можат да се јават нерезиденти или пак, тие да се јават во својство на посредници помеѓу осигурителната компанија и нејзините комитенти. Сето тоа ја усложнува контролата и ја зголемува опасноста од перење пари.

Ризиците коишто се јавуваат во сферата на осигурување се распоредени низ целиот циклус на осигурување. Речиси една третина од откриените случаи на перење пари се детектирани во фазата на изготвување на полисата. Во фазата на купување на производот или услугата од областа на осигурувањето, најмногу сомневање предизвикува купувањето со готови пари или трансферот на средства на трети лица. На крајот на осигурителниот циклус, сомневањето паѓа врз прераното и економски неоправдано раскинување на договорот за осигурување.

 д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народна банка на Република Северна Македонија и на редакцијата Фактор

Можеби ќе ве интересира

Дали НАТО е нашето злато?!

Дали НАТО е нашето злато?!

Панаѓур на суетните во Лондон - НАТО и Русија се меѓусебна закана, а македонската мечта е остварена

Панаѓур на суетните во Лондон - НАТО и Русија се меѓусебна закана, а македонската мечта е остварена

Влијание на перењето пари врз движењето на капиталот

Влијание на перењето пари врз движењето на капиталот

Знаменити кафеанчиња

Знаменити кафеанчиња

Јаткасти плодови „произведени“ на македонски автохтон начин

Јаткасти плодови „произведени“ на македонски автохтон начин

Силата на Сибир-Кинески појас за Русија

Силата на Сибир-Кинески појас за Русија