Тодоров уверува дека концесионерите ќе ги подобрат условите во центрите за дијализа
Објавено во: Мои пари 14 Јули, 2013
По влезот на концесионерите кои идната недела и официјално ќе ги добијат лиценците за работа, се најавуваат повеќе обврски за нив како изградба на нови простории за дијализа или целосна реконструкција. Концесионерите треба да обезбедат современа апаратура и нови столови. Според министерот за здравство, Никола Тодоров, проектот стартува успешно.
„Долго време, повеќе од десетина години, здравстевните власти добиваа сериозни критики бидејќи условите за дијализа во Македонија беа исклучително лоши. Многу од апаратите се стари, со над 25.000 часови, некои и со 30.000 до 40.000, голем е и процентот на пациентите со хепатит Ц, преку 80 отсто, посебно во Штип, Велес и Кочани, што дополнително ја усложнува состојбата,“ изјави Тодоров.
Според најавите и покрај концесионерите дијализата останува бесплатна, а 1.400 пациенти с0гласно договорот со концесионерите, задолжително ќе добијат и превоз.
Тодоров посочи дека очекува поквалитетна услуга за бубрежно болните кои одат и до три пати неделно на дијализа во вкупно 19-те центри низ државата.
Претходно на конкурсот со кој беа опфатени 4 региони, најдобри понуди доставија Орка Холдинг АД Скопје и Метрополитен ДООЕЛ Скопје. Тие треба да обезбедат и транспорт за и да понудат соодветни услови за вработување кадар од јавните здравствени установи со личен доход еднаков на последната плата.