УДАР ЗА ТРАМП: ЕУ може да ги врати визите за Американци
Објавено во: Свет 24 Февруари, 2017
Европратениците може да ја повикаат Европската комисија привремено да ги врати визите за граѓаните на САД. Целта е да се натера Вашингтон да ги укине визите потребни за државјани на Бугарија, Хрватска, Кипар, Полска и Романија. Неодамна групата на социјалистите и демократите во ЕП ја повика ЕУ повторно да воведе визи за граѓаните на САД.
Во декември минатата година ЕК претстави извештај во кој се забележа недостаток на напредок во преговорите со Вашингтон за укинувањето на визите за некои граѓани на ЕУ.
Укинувањето на визниот режим со САД останува приоритет за ЕУ, изјави претходно еврокомесарот за внатрешни работи и државјанството Димитрис Аврамопулос. Тој вети дека прашањето ќе остане на агендата и кај новата администрација во Вашингтон.
Следната недела се очекува Европскиот парламент да усвои резолуција за прашањето со визите, барано од САД за граѓаните на некои земји од ЕУ, меѓу кои и Бугарија. Ова се наведува во програмата за претстојната сесија на ЕП во Брисел.
ЕК изјави официјално дека враќањето на визите за граѓаните на САД би имало значителни негативни последици за политиката, трговијата, туризмот и економијата на ЕУ.
Аврамопулос прецизира дека ако ЕК ги врати визите за граѓаните на САД за една година, тоа би jа лишило европската економија од 6,8 милијарди евра, би довело до губење на 140 илјади работни места во европската туристичка индустрија и до пад за 22 отсто во бројот на туристи во Европа кои се граѓани на САД.