Велија Рамковски: Бараме судење за затворањето на А1
Објавено во: Македонија 09 Октомври, 2020
Велија Рамковски, поранешниот сопственик на некогаш највлијателната национална телевизија А1, во изјава за ТВ24 побара повторно судење за тоа кој го нарачал затворањето на медиумот, откако вчера беа објавени новите „бомби“. Тој вели дека со бомбите се докажува дека Груевски ја затвори телевизијата.
„Овие бомби го покажаа тоа што целиот народ го знаеше, дека Груевски исплете мрежа, пајажина за затворањето на А1. Во затворот, затворениците, службениците, полицајците, немаше некој на кого не му беше јасно дека сме затворени од Груевски. А целта беше, цел тој театар затворање на А1 и од овие разговори баш се гледа тоа негово оркестрирање на целиот тој случај. Јас се надевам дека во овие демократски услови, по падот на Груевски, бараме само повторно судење, чесно судење. Не велам виновен-невин. Сакаме повторно судење каде што ќе може да се види реалната причина за цел тој судски процес“. - изјави Рамковски.
Две аудио бомби во кои се зборува за поранешната моќна телевизија А1 се појавија вчера на јутјуб. Поставени се на каналот Fenix A1, а во еден од разговорите објавувачот тврди дека е меѓу поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, екс премиерот во бегство Никола Груевски и поранешниот јавен обвинител Љупчо Шврговски. Во другата бомба за случајот со затворањето на А1 телевизија разговараат новинарот Драган Павловиќ Латас и тогашниот директор на Управата за јавни приходи Горан Трајковски.