Веселин Иванов: Бугарија не може да има улога на медијатор за името
Објавено во: Балкан 23 Јануари, 2018
Прашањето за името е меѓу Скопје и Атина, Бугарија не може да има улога на медијатор, вели бугарскиот амбасадор во Грција, Веселин Иванов.
Како што јавува дописникот на МИА од Атина, спорот со името и европската перспектива на Западен Балкан, Иванов ги повтори како дел од високите приоритети на претседавањето на Бугарија со ЕУ.
Релациите Скопје-Софија-Атина во разговор со дописникот на МИА од Атина ги коментираше токму бугарскиот амбасадор Иванов, кој вели дека е оптимист дека Македонија и Грција ќе најдат решение на проблемот.
На прашањето за улогата, што Бугарија, како актуелна земја претседавач ќе ја има во преговорите за спорот со името, но и во однос на европската интеграција на Македонија, Иванов посочи дека Софија посакува да се најде решение.
Со идентичен став дека Бугарија е само земја претседавач со ЕУ и не е дел од преговорите меѓу Македонија и Грција излезе и грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас.
Одговарајќи на новинарско прашање, дали бугарското како балканско претседателство може да помогне или да ги олесни преговорите, Коѕијас вели дека преговорите се водат меѓу двете земји.