Влада: Четворица германски крим-техничари ќе пристигнат деновиве
Објавено во: Македонија 14 Септември, 2021
Душко Арсовски, гласноговорникот на Владата, на денешната прес-конференција рече дека најавените германски експерти за испитување на причините за несреќата во тетовската модуларна болница се уште не се пристигнати дека се очекуваат деновиве.
„Германскиот тим од федералната криминалистичка служба кој што треба да пристигне деновиве по првичната претходница, составен е од четворица експерти од кои двајца крим техничари-форензичари за пожари и двајца крим техничари-форензичари за ласерско мерење на простории и за фотографирање.
Во МВР се подготвува план за поддршка во форма на алат, нацрти и планови и други информации кои ќе можат да помогнат. Ќе работат заедно со крим-техничарите на МВР како поддршка за Обвинителството“, изјави Арсовски како одговор на новинарско прашање.
Во ковид-болницата во тетово пожарот избувна изминатата среда на 8 септември, при што починаа 12 пациенти и двајца посетители. Владата ги најави германските експерти следниот ден на вонредната седница.