19 Март, 2024
0.0325

Влијанието на групата врз однесувањето на потрошувачите на пазарот

Објавено во: Колумни 17 Април, 2019

Добивај вести на Viber

Групата може да се дефинира како збир на индивидуи кои меѓусебно контактираат во одреден временски период и кои имаат заеднички потреби и цели. Луѓето им припаѓаат на различни групи, од кои некои можат да имаат влијание врз нивното однесување во потрошувачката. Посебно се значајни интерперсоналните односи и влијанија во рамките на групата, како и помеѓу две или повеќе групи. Луѓето како потрошувачи се здобиваат со одредени стандарди на однесување под влијание на групата. За да се сфати однесувањето на потрошувачите потребно е да се сфати однесувањето на групата.

Групите можат да бидат класифицирани според повеќе фактори, а помеѓу најзначајните се следниве: функцијата на групата, степенот на вклученост на поединецот и степенот на организација.

Многу од нас ги набљудуваат групите од аспект на нивната функција. На пример, постојат групи на студенти, фабрички работници, членови на црковни организации и сл. Всушност, овие се подвидови од големи групи кои се класифицираат од аспект на полот, возраста, етничката, политичката и религиозната припадност, занимањето и сл.

Во зависност од степенот на вклученост на поединецот , постојат примарни и секундарни групи. Основна карактеристика на примарните групи е што меѓусебните односи се многу фреквентни, обично лице в лице. Како пример за вакви групи можат да се наведат семејството, работниот колектив, дури и групите за рекреација. Од друга страна, секундарни групи се оние во кои односите меѓу членовите претежно се нелични и формални. Такви групи се здруженијата, асоцијациите итн. 

Според степенот на организацијата можеме да разликуваме формални и неформални групи. Формалните групи имаат дефинирана структура (претседател, потпретседател, секретар, благајник). Практично тие се секундарни групи кои се формираат заради остварување на одредени цели: економски, социјални, политички или алтруистички. Неформалните групи се типично примарни групи кои немаат дефинирано структура, немаат однапред  дефинирани цели и немаат пишани правила. 

Претходното излагање за групата воопшто води кон поблиско расветлување на поимот референтна група и детерминирање на нејзините основни карактеристики.

Имено, под референтна група се подразбира онаа група чии прифатливи настојувања и вредности се користат од страна на поединецот како основа за неговото актуелно однесување. 

Со други зборови, референтна група е онаа група која поединецот ја користи како водич за неговото однесување во конкретната ситуација. Тоа е група со која поединецот се поистоветува или кон која се стреми и чии вредности сака да ги користи во однесувањето воопшто и посебно како потрошувач.

Влијанијата на референтните групи врз однесувањето на потрошувачите можат  да  бидат  различни.  Тие  влијанија   можат   да   бидат  позитивни   кога потрошувачот ги прифаќа или негативни кога потрошувачот ги избегнува. На пример, аналитичарот Бранко Маричиќ ги наведува следните видови на влијанија на референтните групи врз однесувањето на потрошувачите:

Нормативно влијание постои кога референтните групи влијаат врз општите вредности и однесувањето на потрошувачите.

Компаративното влијание на референтните групи ги формира специфичните ставови на потрошувачите. Ова влијание во голема мера зависи од нормативното влијание на кое индивидуата била изложена во својот биолошки и општествен развој. 

Преку информативното влијание референтните групи им обезбедуваат на потрошувачите соодветни информации за да може успешно да се изврши процесот на купување на производи или услуги.

Идентификационото влијание е најсилно и подразбира поистоветување на ставот и однесувањето на поединецот со референтната група.



д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народна банка на Република Северна Македонија


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?