За Додик Хојт Ји е руина од поранешната американска администрација и води антисрпска политика
Објавено во: Балкан 05 Јануари, 2018
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик вели дека американскиот функционер Брајан Хојт Ји е руина од поранешната американска администрација, кој води антисрпска политика.
„Таа политика беше софистицирана и прикриена, но верувам дека неговото време измина“- рече Додик.
Додик изјави дека за РС е прифатлив само Дејтонскиот договор и Уставот на БиХ, односно Анекс 4 од Дејтонскиот мировен договор.
„Денес да се заговара „Дејтон 2“ и некој да ја одземе власта на РС е целосно промашена приказна. Тоа не можеше да се случи пред 10 години, а не пак сега“- вели Додик во интервју за српскиот весник „Ало“.
Пред неколку дена, американскиот конгресмен Мајкл Тарнер во писмо до државниот секретар на САД Рекс Тилерсон побара засилен американски ангажман во БиХ, па дури и „Дејтон 2“. Од Амбасадата на САД во Сараево соопштија дека членови на Конгресот честопати изнесуваат ставови кои нужно не ја изразуваат актуелната политика на САД и дека Вашингтон го поддржува Дејтонскиот договор, суверена и независна БиХ, составена од два ентитета и која на граѓаните им ги гарантира човековите права.
За тоа дали РС ќе ја следи Србија во неутралноста, Додик истакна дека Бања Лука го поддржува Белград во сите планови и верува во нив.