Заев денеска поднесува оставка, Македонија добива техничка Влада
Објавено во: Македонија 03 Јануари, 2020
Премиерот Зоран Заев денеска треба да ја поднесе својата оставка согласно Пржинскиот договор која ќе биде ефективна 100 дена пред официјалното одржување на изборите, а за тоа со писмо ќе го извести и претседателот на Собранието.
На денешната седница на Собранието треба да биде констатирана оставката на досегашниот шеф на Владата и да биде изгласана преодната која ќе треба да ги организира следните предвремени парламентарни избори закажани за 12 април и ќе има мандат до формирањето на новата.
Владеачката СДСМ го прифати новиот предлог на ВМРО - ДПМНЕ за Наќе Чулев да биде техничкиот министер за внатрешни работи сo што се отстрани и последната пречка за распуштање на Владата и формирање на нова техничка пред денешната седница на Собранието.
Останатите кандидати за функционери во идната техничка Влада предложени од опозицијата, а прифатливи за власта, се Рашела Мизрахи за министерка за труд и социјала, Цветан Трипуновски за заменик министер за земјоделие, Гордана Димитриеска Кочоска за заменичка министерка за финансии и Невенка Стаменковска Стојковски за заменичка министерка за информатичко општество и администрација.
Техничката Влада ќе ја предводи Оливер Спасовски, досегашниот министер за внатрешни работи. СДСМ досегашната министерка за труд и социјала, Мила Царовска, ја „прекомандува“ на местото на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кој најави дека ќе се повлече од политиката. Како дополнителни заменици-министри во МВР и во Министерството за труд и социјала предвидено е да бидат досегашните шефови на кабинети на Спасовски и Царовска - Славјанка Петровска и Санела Шкријељ