Заев: До крајот на октомври 2020 нема да има предвремени избори
Објавено во: Македонија 10 Септември, 2019
За лидерот на СДСМ и во исто време премиер на земјава, Зоран Заев, легитимно право е опозицијата да бара предвремени избори, исто како што е право на сегашната власт да процени кој е приоритетот на државата во време кога, како што вели тој, се очекува датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија.
„Тоа е легитимно право опозицијата секогаш да бара избори, немам дилема за ниту едно прашање за кое можеме да разговараме. Нормално, нашиот став е она што е во интерес на државата. Мислам дека ова е невиден позитивен момент за нашата земја, време кога го чекаме датумот за почеток на преговорите, за полноправно членство во НАТО, треба да им дадеме шанса на владеењето на правото и економијата, затоа го кажав ова дека мандатот треба да биде завршен до крај. Тие повикуваат на предвремени избори, мојот коментар беше во ред, нека биде крајот на октомври 2020 година и остануваме на оваа позиција “, рече денес Заев.
Вечерва се очекува лидерска средба помеѓу Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во Собранието на која ќе се зборува за повеќе теми, а приоритет ќе биде продолжувањето на мандатот на СЈО преку законско решение.