Заев: Финансиска помош од 9,2 милиони евра за над 100 компании
Објавено во: Економија 01 Август, 2018
Повеќе од 100 компании ќе добијат вкупна финансиска помош од 9,2 милиони евра согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите за остварените резултати лани.
На компаниите кои аплицирале за добивање државна помош заклучно со 31 јули годинава по 60 дена откако ќе ги достават барањата и потребните документи во Агенцијата за странски инвестиции ќе им бидат исплатени средствата.
Премиерот Зоран Заев, кажа дека во овие компании во минатата година работеле 14.000 вработени и отвориле нови илјада работни места.
„Првпат под исти услови домашните и странските компании ќе добиваат државна финансиска поддршка на транспарентен начин за остварените резултати. Сите компании кои аплицира и ги исполнија условите ќе мора да покажат документи и фактури за реализација на инвестицијата за да им биде доделена помошта“- кажа премиерот Заев на денешната прес-конференција во Владата.
Тој нагласи дека преку помошта што се нуди во трите столба директно во стопанството ќе бидат вратени 70 милиони евра.
Вели дека македонската економија се движи во вистински правец.
Потсети дека во минатиот месец има раст на индустриското производство од 12,1 отсто, во мај е забележан раст на просечната плата за 7,1 отсто или за 1.600 денари повеќе откоку што се исплаќале порано, а во првите шест месеци од годинава има и раст на извозот од 14,1 отсто.