ЗАЕВ ОДИ ВО АТИНА: Со Мицотакис ќе разговараат за имплементација на Договорот од Преспа
Објавено во: Македонија 14 Септември, 2020
Реализирањето на Договорот од Преспа ќе биде една од темите на средбата в среда меѓу грчкиот и македонскиот премиер Кирјакос Мицотакис и Зоран Заев.
Македонскиот премиер во Атина ќе присуствува на конференцијата на угледниот економист, кој се одржува секоја година.
Кирјакос вчера покажа резервираност во однос на договорот, но посочи дека тој е сепак затворено прашање, со оглед на тоа дека станува збор за меѓународно ратификуван договор, а Грција како што изјави ги почитува таквите договори.
„Но, она што не е затворено е правилното имплементирање на, според нашето мислење, еден проблематичен договор. И штом сме резервирани или постојат прашања за кои треба да се разговара, со Заев или со било кој и да е премиер во Македонија, очигледно дека ќе разговараме“, вели Мицотакис.
Портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас денеска откри дека европската перспектива, билатералните односи, како и темите што произлегуваат од договорот, комисиите и слично, ќе бидат дел од прашањата на средбата меѓу двајцата премиери.
Од владата соопштија дека Заев и Мицотакис ќе имаат работен ручек, а претходно премиерот ќе се сретне со претседателката на Грција Катерина Секеларопулу.