Зошто напаѓачот на 27 април не пукал во Заев?
Објавено во: Македонија 16 Февруари, 2018
Цел на настаните во Собранието од 27 април бил сегашниот премиер Зоран Заев, пишува во денешното издание неделникот „Фокус“ во текстот „Напаѓачот не пукал во Заев зашто немал чиста мета“.
Неделникот од свои добро упатени извори во истрагата наведува дека постојат прислушувани разговори, водени неколку месеци по настаните, од кои се слуша како еден од учесниците во „крвавиот четврток“ се правда дека не можел да пука во Заев бидејќи немал чиста мета. Во друг разговор пак, се зборувало дека Заев требало да биде мртов.
Обвинителството го товари само Игор Југ за поседување на оружје. На дел од снимките се гледа дека Југ посегнува кон грбот за каде што се претпоставува дека му стои пиштол. Покрај за поседување оружје, тој се товари и за учество во толпа што ќе изврши кривично дело и за последното дело - терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за кое осомничени се уште 35 лица меѓу кои пратениците и поранешниот министер за внатрешни Митко Чавков.