Ангеловска: Прифативме 5.000 приговори за картичките, денеска ќе ги има на список
Објавено во: Економија 13 Јули, 2020
Прифатени се околу 5.000 приговори за домашната платежна картичка од категоријата Млади лица - средношколци и студенти од 16 до 29 години, објави доцна синоќа министерката за финансии Нина Ангеловска. Денеска овие лица ќе бидат додадени на листата на kupuvandomasno.gov.mk и нивните платежни картички ќе почнат да се печатат. Објавата следува откако со денови дел од младите кои треба да ја добијат картичката се жалеа дека немаат одговори за поднесените приговори.
„Проверката на сите поднесени приговори од оваа категорија граѓани ја врши Министерството за образование и наука, а во текот на следните неколку денови очекуваме да ја финализираат проверката за евентуално дополнителни прифатени приговори. Заедно со претходно усвоените приговори, досега вкупно се прифатени 7.000 приговори. До крајот на неделата треба да се завршат сите проверки на сите приговори вклучително и проверките од УЈП, МТСП, АВРМ и ФЗОМ со што ќе се затворат сите поднесени приговори и ќе информираме за вкупната конечна бројка на прифатени приговори. Сите кои ги исполнуваат условите ќе добијат домашна платежна картичка, напиша Ангеловска.