БЕСНЕЕ ГОЛЕМ ПОЖАР: Луѓето ги напуштаат домовите близу Атина
Објавено во: Балкан 13 Септември, 2019
Гори во околината на Атина, поради што луѓето се повлекуваат од своите домови.
Местото не е густо населено, а огнот е близу до куќите.
Голем пожар изби околу 13.30 часот по локално време во областа Саронида во источниот дел на регионот Атика, на околу 50 километри од центарот на Атина, а со одлука на противпожарната служба се евакуираат домови што се наоѓаат во близина, jави дописничката на МИА од Атина.
Од надлежната општина, преку Фејсбук упатија апел до граѓаните што се во близина на пожарот да ги напуштат домовите, а според грчките медиуми од бројот за итни случаи 112 е испратена порака до жителите на областа во која што изби пожарот.
Во справувањето со огнените јазици учествуваат 42 пожарникари со 19 возила и четири хеликоптери од кои еден е за координација.
Во поширокиот дел на Атина, дува силен ветер што дополнително го отежнува гаснењето на пожарот.
Нема извештаи за повредени или материјална штета.