ФАКТОР ЕКСКЛУЗИВНО: Комерцијална банка со дивиденда од околу 900 денари?
Објавено во: Финансии 22 Февруари, 2024
Доаѓа периодот во кој акционерските друштва што котираат на Берзата и кои држат до својот имиџ ќе почнат да ги објавуваат износите на дивиденди кои планираат да им ги поделат на своите акционери, од добивките остварени во текот на претходната година.
Според нашите сознанија, прва „нога ќе повлече“ Комерцијална банка, која според плановите треба во петок наутро да ги објави предлог Одлуките за Собранието на акционери, а меѓу нив, секако дека најинтересно ќе биде обзнанувањето на дивидендата по акција којашто планира да ја исплати банката. Износот на дивидендата, според нашите сознанија, е веќе утврден на управните органи на Комерцијална банка, а до инвеститорската јавност преку Берзата ќе биде објавен во текот на утрешниот ден.
Фактор од свои извори дојде до некои неофицијални информации дека Комерцијална банка во своите предлог одлуки за Собранието на акционери ќе објави намера за бруто дивиденда која би изнесувала над 900 денари за акција, иако тоа засега уште не можеме официјално да го потврдиме, а ќе биде познато веќе во текот на утрешниот ден.
Доколку таквите шпекулации се остварат, ова ќе биде најголемата дивиденда во историјата на нашата најголема банка, која и онака важи за банка со издашна дивидендна политика за своите акционери. Но, да почекаме па да видиме дали ќе се остварат нашите информации.
Инаку, она што и е добро познато на домашната бизнис јавност, е дека Комерцијална банка сработе многу солидно во минатата година, остварувајќи чист профит од над 58 милиони евра, како што говорат нејзините биланси на успех.
Повеќе детали читајте тука