09 Мај, 2024
0.0241

Ѓорѓиев: Владата засега не планира да врши интервентен откуп на пченицата

Објавено во: Агробизнис 06 Август, 2013

Добивај вести на Viber

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев во врска со изјавата на претседателот на Сојузот на земјоделците Вељо Тантаров, посочи дека Владата засега не планира да врши интервентен откуп на пченицата , туку остава на производителите и откупувачите сами да се договорат во врска со откупот на пченица.

Како што рече Ѓорѓиев, потребно е и производителите и откупувачите да ги исполнат своите договорени обврски.

„Во овој момент интервентен откуп од страна на Владата нема, но доколку има потреба ќе го направиме тоа“, изјави Ѓорѓиев.

Тој информираше дека досега од 60 до 65 отсто од вкупното производство на пченица е веќе откупено.

Меѓутоа, мелничарите не го почитуваат договорот за откуп на пченицата, плаќаат по 11 до 12 денари за килограм, а квалитетот најчесто го проценуваат паушално наместо според хектолитарската маса на зрното, велат земјоделците.

Тие денеска или најдоцна утре очекуваат Владата да донесе одлука за интервентен откуп на 8.000 тони лебно жито.

„Владата повторно ќе ни излезе во пресрет. Но, пченица за откуп во овој случај може да понудат само производителите што имаат засеано до 15 хектари“, вели претседателот на Сојузот на земјоделците Вељо Тантаров.

На неодамнешната средба во Свети Николе на која присуствуваше и ресорниот министер Љупчо Димовски беше договорено пченицата да се откупува во три класи по 13, 14 и 15 денари. На последниот состанок, пак, одржан пред десет дена, преработувачите, како што информира Тантаров, се обврзале да откупат уште по 20 отсто од веќе преземените количини.

Земјоделците од министерот Димовски побараа годинашните субвенции да им бидат исплатени пред сеидбата.

Приносите годинава се под очекувањата поради високите температури во јуни.