03 Мај, 2024
0.0287

ХОТЕЛИ, ВИЛИ, АПАРТМАНИ, СТАНОВИ - еве кај кои над 4.000 локации ќе се користат ваучерите за туризам

Објавено во: Економија 15 Јуни, 2020

Добивај вести на Viber

Не само хотелите, туку и сите што поседуваат вили, апартмани, како и станоиздавачите, ќе имаат шанса граѓаните кај нив да ги искористат ваучерите за туризам кои ги добија од државата. Но, услов за тоа ќе биде овие сместувачки капацитети да се регистрираат и да се категоризираат на Платформата на Министерството за економија, доколку сакаат корисниците кај нив да ги трошат туристичките ваучери. 

Сите хотелиери, но и газдите на другите сметстувачки капацитетите, како што се вилите, апартманите и станоиздавачите, оваа процедура ќе треба да ја завршат до 30 јуни годинава, што значи дека им преостануваат уште околу две недели. Иако нема многу време, власта ветува дека брзо ќе се работи за да се стигне да се завршат категоризациите.  

Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека на Платформата, освен листата на добитници, ќе биде објавена листа на сите даватели на туристички услуги кои ќе се регистрираат и ќе ги понудат своите сместувачки капацитети. 

„Сите даватели на туристички услуги, почнувајќи од денеска до 30 јуни ќе можат се регистрираат на платформата, со пополнување на едноставен формулар кој ќе го најдат на Платформата. На тој начин сите граѓани кои се добитници на ваучери за домашен туризам лесно ќе може да ги видат сите достапни капацитети и да одберат каде сакаат да го искористат својот ваучер. За полесно и побрзо категоризирање на туристичките капацитети кои сеуште не се категоризирани, на последната седница на Владата на предлог на Министерството за економија беше донесена Уредба со законска сила со која се намалува бројот на членови во Комисијата за категоризација на туристичко-угостителските објекти од 13 на 5 и се вклучува еден член од приватниот сектор. Ова беше едно од барањата на секторот за кој ние излеговме во пресрет“, рече Бектеши на пресконференцијата која се одржа викендов. 

Тој ги повика сите туристички капацитети во државата кои не се категоризирани, тоа да го направат до крајот на месецов. Така ќе можат да аплицираат за користење на мерката, а нивните понуди да ги прикачат на Платформата, со што граѓаните кои имаат ваучери ќе можат да ги искористат кај нив. 

А на хотелиерите и на другите сместувачки капацитети државата ќе им ги исплаќа парите откако граѓаните кај нив ќе престојуваат и ќе користат услуги во противврденост на ваучерите.

„Откако ќе бидат искористени ваучерите од страна на граѓаните, Министерството ќе врши исплата на средствата на давателите на туристички услуги врз основа на доставена месечна фактура и месечен извештај за искористените ваучери за туризам“, објасни министерот Бектеши. 

Според информациите, вкупно ќе бидат издадени 117.122 ваучери за домашен туризам. 

Во игра за кај нив да се користат ваучерите, ќе влезат вкупно 4.286 угостителски објекти за сместување. Тука спаѓаат 256 хотели, потоа 130 вили , апартмани, хостели, студентски преноќишта и одморалишта, како и близу 4.000 физички лица, односно станоиздавачи кои нудат приватно сместување. 

Од Министерството за економија велат дека кај колку од овие 4.286 капацитети и физички лица ќе се користат ваучерите, ќе зависи од тоа колку од нив ќе се пријават во Платформата до крајниот рок, односно 30 месецов. Оние што не се категоризирани, имаат рок до тој датум да се категоризираат.

Притоа, од Министерството за економија велат дека се олеснети условите за физичките лица, односно тие ќе треба само да поднесат барање во општината. Исто така, намалена е Комисијата за категоризација од 13 на 5 члена, а намален е и рокот за постапување по барањето, од 30 на 15 дена. 

На категоризираните објекти на кои им е истечена категоризацијата, барањето за продолжување ќе се зема предвид при аплицирање за мерката. При категоризацијата од страна на Комисијата, приоритет ке имаат угостителските објекти кои се категоризираат за прв пат, објаснуваат од Министерството за економија.

Инаку, согласно оваа владина мерка, над 117 илјади граѓани, кои ги исполнуваат критериумите што ги предвиде Владата и ги стави на листата, добиваат ваучер од шест илјади денари за домашен туризам, како и платежна картичка со три илјади денари за во ресторан или за купување македонски производи во маркетите.

Рестораните немаат обврска да се пријавуваат или дополнително да се регистрираат како хотелите или останатите сместувачки капацитети за да може кај нов да се користи платежната картичка која граѓаните ја добиваат од државата. Доволно е тоа што тие се фискализирани и имаат пост терминал за плаќање со картичка.“

А конечната листа на 117.122 граѓани-добитници на ваучерите од 6.000 денари за туризам кои треба да ги добијат како дел од третиот пакет на економски мерки на Владата веќе од саботата е објавена на веб-платформата domasiedoma.gov.mk.

А за тоа како ќе работат домашните хотели, протоколите уште не се готови. Се чека Комисијата за заразни болести тоа да го соопшти оваа недела. 

Како што веќе пишуваше Фактор, Хотелиерите веќе ги изготвиле предлозите за тоа како би изгледале протоколите за нивното работење. Според информациите, овие предлози се слични со оние протоколи кои се усвоени за работење на хотелите во државите од нашето соседство.

Предлозите говорат дека со шведската маса ова лето сигурно ќе треба да се збогуваме во нашите хотели. Наместо добро познатите шведски маси, особено во поскапите и попрестижните хотели, каде гостите беа навикнати на богат избор на разновидни јадења со кои можеа да се послужат, сега храната на посетителите ќе им ја дели едно лице што е вработено во хотелот.

Исто така, масите ќе бидат на раздалеченост, со тоа што една маса ќе може да биде поставена на 10 метри квадратни, со растојанието меѓу гостите од два метри. Персоналот во хотелите, заедно со гостите, ќе мораат да носат маски, а средства за дезинфекција ќе мора да има и при влезот, и на секоја маса на рестораните од хотелите. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

„Да се напушти вештачкото надувување на капиталните инвестиции“: еве што велат економистите за изборните ветувања на партиите

„Да се напушти вештачкото надувување на капиталните инвестиции“: еве што велат економистите за изборните ветувања на партиите

ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ: Колку маслиново масло произведува Шпанија?

ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ: Колку маслиново масло произведува Шпанија?

СИНОТ НА СВЕТОЗАР, ЈАНЕ ЈАНЕВСКИ, СТАНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УО НА „АУТОМАКЕДОНИЈА“ - и оттаму заминува Џон Илија Јоновски

СИНОТ НА СВЕТОЗАР, ЈАНЕ ЈАНЕВСКИ, СТАНУВА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УО НА „АУТОМАКЕДОНИЈА“ - и оттаму заминува Џон Илија Јоновски

НОВА ИНИЦИЈАТИВА ДО УСТАВЕН СУД ЗА УКИНУВАЊЕ НА ЧЛЕН 368 ОД ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ - тој е негативен за приватниот сектор

НОВА ИНИЦИЈАТИВА ДО УСТАВЕН СУД ЗА УКИНУВАЊЕ НА ЧЛЕН 368 ОД ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ - тој е негативен за приватниот сектор

КОЛКУ ДИВИДЕНДА ЌЕ ДОБИЕ СИМОН, А КОЛКУ САШО НАУМОСКИ - прилепска „Витаминка“ го објави планот, еве ги деталите

КОЛКУ ДИВИДЕНДА ЌЕ ДОБИЕ СИМОН, А КОЛКУ САШО НАУМОСКИ - прилепска „Витаминка“ го објави планот, еве ги деталите

ЦРН ДЕН ЗА ГЕРМАНСКАТА ЕКОНОМИЈА: Гигантот го прекина производството по 30 години - позната компанија ја изгуби трката со кинеска фирма

ЦРН ДЕН ЗА ГЕРМАНСКАТА ЕКОНОМИЈА: Гигантот го прекина производството по 30 години - позната компанија ја изгуби трката со кинеска фирма

АСО ја охрабрува Владата за измени на Тарифникот за авто-осигурување

АСО ја охрабрува Владата за измени на Тарифникот за авто-осигурување

Стотици домаќинства сега продаваат струја во Македонија, интересот сепак ограничен

Стотици домаќинства сега продаваат струја во Македонија, интересот сепак ограничен

При кумулативен пораст на цените од 61.5 отсто, само премиите за авто осигурување се замрзнати 15 години

При кумулативен пораст на цените од 61.5 отсто, само премиите за авто осигурување се замрзнати 15 години