Новиот црногорски премиер на првиот работен ден дојде со такси
Објавено во: Балкан 07 Декември, 2020
Здравко Кривокапиќ, новиот премиер на Црна Гора, на првиот работен ден во црногорската Влада пристигна со такси, а претходно вети дека владиното возило мерцедес-мајбах со вредност од половина милион евра ќе го продаде и ќе ги врати парите во буџетот.
Со гласови на 41 пратеник, од вкупно 81 во црногорскиот парламент, пред три дена беше избрана Владата на Црна Гора, предводена од Здравко Кривокапиќ.
Новата црногорска влада е прва што не е формирана по три децении од Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ, која беше поразена на изборите на 30 август оваа година.
На тие избори, новоизбраниот премиер, како непартиска личност, беше лидер на најсилната од трите коалиции што ја освоија власта, која во најголем дел е составена од просрпскиот Демократски фронт.