Побаран првиот ТВ-дуел со Димитар Ковачевски
Објавено во: Македонија 04 Мај, 2023
На вечерашната трибина на тема „Надворешна политика“ во Битола, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го повика премиерот Димитар Ковачевски на прв меѓусебен ТВ-дуел.
Ова лидерот на опозициската партија го побара во контекст на изградбата на автопатите на Коридорите 8 и 10д од Бехтел и Енка.
-Имам една јавна понуда до Димитар Ковачевски, самите велат дека се транспарентни, а бидејќи јавноста заслужува одговори, заслужува да знае како се трошат милијардите на народот. Ајде да излеземе на дуел, бегаш од избори, бегаш од соочувања на различни теми, ајде да излеземе на дуел, очи во очи и јавно да се соочиме само за овој договор. Ако работеле чесно, ако имаат чесен квалитетен договор кој нуди иднина, ќе се појави на дуел, посочи Мицкоски.
Пред членовите и симпатизарите на ВМРО ДПМНЕ во Битола, Мицкоски повтори дека нема да гласаат за уставни измени во актуелниот собраниски состав.