ПОЧНА СЕДНИЦАТА НА КОМИСИЈАТА ЗА УСТАВНИ ПРАШАЊА - пратениците од власта гласаа „за“, а од ВМРО-ДПМНЕ против
Објавено во: Македонија 25 Јули, 2023
Почна седницата за уставни прашања со која претседава собранискиот спикер, а присутен е и премиерот Ковачевски.
Претседателот Талат Џафери го предложи дневниот ред со единствена точка на дневен ред: Иницијатива за измена на Уставот.
Десет пратеници на владејачкото мнозинство гласаа ЗА дневниот ред, а сите седум пратеници на опозиционата коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против точката за уставните измени.
Против гласаа: Никола Мицевски, Александар Николоски, Владо Мисајловски, Проф. Гордана Силјаноска Давкова, Антонио Милошоски, Дафина Стојаноска и Иван Стоиљковиќ.
Денеска во 10 часот беше закажана седницата на Комисијата за уставни прашања во Собранието на која како единствена точка на предложениот дневен ред беше предлогот за пристапување кон измена на Уставот.
Најавите се дека пријавени за збор ќе има од сите пратенички групи.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, кој е и претседател на Комисијата за уставни прашања, ја закажа седницата за денеска откако пред точно една недела Владата даде зелено светло за предлог-уставните амандмани кои претходно ги подготви работната група за уставни измени во рамки на Министерството за правда.
Во предлог-иницијативата што ја усвои Владата се предлага бугарскиот и уште пет други народи да се додадат во Преамбулата од Уставот. Во Преамбулата на македонскиот Устав треба да влезат и хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.
На 18 август, пак, предлог-уставните амандмани ќе се најдат пред пратениците на пленарна седница.