„Прототема“: Мицотакис за прв пат ќе се сретне со Заев на барање на западните престолнини
Објавено во: Балкан 13 Септември, 2019
Денешното издание на „Прототема“ тврди дека новиот грчки премиер Киријакос Мицотакис нема лична волја да се сретне со шефот на македонската Влада, Зоран Заев, следната недела на маргините од Генералното собрание на ОН во Њујорк, но дека тоа ќе го направи „на барање на западните престолнини“.
Првично, грчкиот премиер имал негативен став во врска со тоа да покаже добра волја и да прифати средба со Заев, според информациите што ги има весникот од палатата Максимос.
„Се чини дека по препораките од западните престолнини, Киријакос Мицотакис размислува за втор обид за средба“, пишува „Прототема“.
Според извештаите, доколку се одлучи да се сретне со Заев, Мицотакис може да се состане и со неговиот албански колега, Еди Рама, за да обезбеди поширока политичка рамка за маневар. Средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган веќе е договорена, додека се чека потврда од Белата куќа и за евентуален разговор со претседателот на САД, Доналд Трамп.
Повеќе грчки портали објавија дека наредната недела во Њу Јорк ќе се одржи првата средба меѓу премиерите на Грција и Македонија, Киријакос Мицотакис и Зоран Заев.Од македонската влада ниту ги потврдуваат, ниту ги негираат информациите на грчките медиуми. Велат дека во моментот не би моижеле да ја кажат официјланата агенда на премиерот Заев, бидејќи подготовките за нејзино финализирање се во тек.