ВМРО-ДПМНЕ со илјадници амандмани ја затрупа расправата за јазиците
Објавено во: Македонија 27 Јануари, 2018
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ како што се очекуваше поднесе илјадници амандмани во обновената расправа за Законот за употреба на јазиците со што се предвидува целосна блокада од повтореното гласање за што на СДСМ и ДУИ им е потребно само обично мнозинство за повторно да го изгласаат законот кој во првичната постапка не беше потпишан од претседателот Иванов и беше вратен во Собранието.
Според последните информации пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ која во Собранието се врати специјално за дебатата за Законот за употреба на јазиците, досега има поднесено 19.350 амандмани кои целосно ќе ја блокираат дебатата.
Оваа бројка не е конечна, затоа што во Собранието сè уште пристигнуваат амандмани од опозицијата. Ова значи дека Законот нема да може да биде донесен подолг временски период.
Инаку, ова е рекорден број поднесени амандмани за еден Закон. Досега рекордот го држеше ДУИ со 15.500 поднесени амандмани за Законот за бранители во 2012 година.
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека законот е неуставен, излегува од рамките Охридскиот мировен договор, го става македонскиот јазик во подредена положба, а исто така не ги унапредува јазиците на немнозинските заедници во Македонија и власта со сила сака да протурка решение кое ќе наметне двојазичност на целата територија.