ЖОЛТА ПОТЕРНИЦА: Со помош на Интерпол ќе ја бараат Данка Илиќ
Објавено во: Балкан 31 Март, 2024
Продолжува потрагата по исчезнатото девојче од Бор. Интерпол распиша жолта потерница по исчезнатата Данка Илиќ, објави на социјалните мрежи претседателот на Центарот за исчезнати и злоставувани деца, Игор Јуриќ.
На веб-страницата на Интерпол има опис на девојчето, но и дека има бенка на левата надлактица и бенка на левото уво.
Девојчето исчезна во вторникот во 13 часот и 45 минути во населбата Бањско Поље во Бор, има кафена коса, кафени очи и е висока околу 85 сантиметри. Во моментот на исчезнувањето таа носела маслинесто зелена јакна, виолетови панталони, црни патики.
Денеска на социјалните мрежи и во некои медиуми се појави видео од девојче кое личи на Данка Илиќ. Српското МВР работи на расветлување на околностите поврзани со снимката која се појави од Виена. Тоа е една од многуте траги на кои работат тамошните власти.
Виенската полиција сослушала државјанин на Србија кој живее во главниот град на Австрија, а кој во тој град снимил дете кое личи на Данка.