40 компании на саемот на на турски производи
Објавено во: Мои пари 06 Ноември, 2013
Oд денеска до сабота на Скопскиот саем oколу 40-тина компании од Турција ќе ги презентираат своите производи пред македонските потрошувачи.
На Саемот присуствуваат компании од областа на текстилот, козметиката, земјоделството, логистиката, туризмот, градежништвото, образованието, како и фирми производители на апарати за домаќинство.
На денешното официјално отворање, заменик-амбасадорот на Турција, Синан Ерен изрази надеж дека саемот ќе биде можност да се промовираат високото ниво и стандарди на турските производи во Македонија и основа за соработка меѓу компаниите.
- Меѓу Турција и Македонија постојат извонредни политички односи, а од друга страна соработката на полето на трговијата и инвестициите не е одраз на вистинскиот потенцијал на двете држави. Кај двете страни постои желба да се доведат трговските и инвестициските односи на посакуваното ниво, истакна Ерен.
Според директорот на Дирекцијата на технолошко-индустриските развојни зони Виктор Мизо, саемот е потврда за традиционално добрите односи и соработка меѓу Македонија и Турција.
Тој посочи дека Турција е значаен трговски партнер на Македонија и оти постојано се вбројува меѓу првите 10 земји во однос на трговската размена и инвестициите.
- Иако има простор за подобрување, сепак континуирано имаме подобри резултати. Во првите осум месеци од годинава, Турција е на осмо место на листата земји со најголем обем на трговска размена, а според бројот на странски инвестиции во изминатите 15 години има удел од 3,9 проценти во вкупните странски инвестиции што ја вбројува меѓу првите топ 10 земји инвеститори во Македонија. Во првите шест месеци од оваа година, Турција е веќе на третото место според обемот на инвестиции кои влегле во Македонија, нагласи Мизо.
Трговската размена меѓу Македонија и Турција е во постојан подем и во првите осум месеци од годинава забележан е раст од околу 10 проценти во споредба со истиот период лани.
Саемот е отворен од 10 до 18 часот, а влезот е слободен.