Ахмети честита и вели дека пописот е успешно спроведен
Објавено во: Македонија 30 Март, 2022
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети е задоволен од пописот.
„Денеска Северна Македонија, по 20 години, има појасен увид во врска со целокупното население и процентот на заедници во државата. Албанците се 29,5 проценти во општата популација и 24,3 отсто во резидентно население, додека во градот Скопје 22,8 отсто (од 20,04 отсто во 2002 година). Им честитам на сите институции кои беа вклучени и помогнаа пописот, кој како процес почна во март минатата година, со регистрација на дијаспората, да заврши со успех“, напиша Ахмети.
Државниот завод за статистика ги објави резултатите од националниот попис во 2021.
Во Македонија живеат 1.073.299 Македонци или 58,44 проценти, 446.245 Албанци или 24,3 отсто, 70.961 Турци (3,86%), 46.433 Роми (2,53%), 23.847 Срби (1,30 %), 16.042 Бошњаци (0,87), 8.714 Власи (0,47) и 18.912 останати (1,03) како резидентно население. 132.260-мина не се попишале, а тоа се 7,2 отсто граѓани.
Заедно со дијаспората како вкупно население се попишале 1.137.030 Македонци (54,21%), 619.187 Албанци (29,52%), 83.443 Турци (3,98), 49,104 Роми (2,34), 24.759 Срби (1,18), 18.163 Бошњаци (0,87), 9.208 Власи (0,44), 24.165 останати (1,16).Левица се изјасни дека за неа овој попис е фингиран и нема да го признае.