АКО ДОЈДЕ ДО НАЕЗДА НА МИГРАНТИ: Вучиќ дал налог херметички да се затвори границата на Србија со земјава
Објавено во: Македонија 06 Март, 2020
Српскиот претседател Александар Вучиќ дал налог Армијата, Полицијата и на безбедносно информативната Агенција, буквално херметички да ја затворат границата на Србија кон Северна Македонија, доколку дојде до наезда на мигранти, кои веќе со денови се обидуваат да продрат во Грција, од турска страна, пишува „Вечерње новости“, а текстот го пренесуваат и другите српски медиуми.
Според весникот, Вучиќ се решил на овој чекор превентивно, водејќи сметка пред се за националната безбедност, иако „тој е лично против ксенофобична политика“.
Вучиќ секојдневно добива оперативни податоци од безбедносните служби, откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги отвори границите и им дозволи на бегалците да преминат во ЕУ, пишува весникот.
Тој е цврст во своето уверување дека Србија, доколку има потреба, ќе умее да ја заштити својата територија и нема да стане „паркинг за мигранти“.