Ако се обединат Косово и Албанија ќе имаат заеднички премиер и претседател
Објавено во: Балкан 09 Февруари, 2021
Идејата за обединување на Косово и Албанија се актуелизира последниов период. Унијата Косово-Албанија ќе има посебни парламенти, но со еден претседател и премиер.
Претседателот на Алијансата за иднината на Косово и кандидат за претседател на Косово, Рамуш Харадинај, пред неколку дена кажа дека доколку до 2025 година Косово не биде дел од НАТО, тој ќе побара референдум за обеднвање со Албанија. Тој во екслузивно интервју за албанската Ора њуз телевизија даде детали за можното обединување.
„И Косово и Албанија ќе одржуваат одделни избори и ќе имаат свој парламент, но мора да имаме еден претседател. Исто така ќе има избори на унијата за заеднички парламент, со еден претседател и шеф на националната влада. Ние ќе одржиме избори Косово-Албанија секој за себе, но ќе имаме и заеднички избори во Унијата“, објасни Харадинај.
Вели дека Албанија ќе го зачувува парламентот, Косово исто така ќе има парламент, но исто така „мора да имаме заеднички парламент и тогаш мора да имаме еден претседател, а не двајца и еден национален премиер”. Оваа идеја може да го разбранува регионот и да доведе до тензии. Веќе има напнатост меѓу Србите на Косово.
Ситуацијата на Косово е сложена, а кај српското население има доза на загриженост.