Анѓушев може да се задолжува само за пругата кон Бугарија и новиот Клинички центар
Објавено во: Финансии 27 Февруари, 2019
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, смета дека Македонија во моментов мора да бара други начини на финансирање кои нема да го оптеретат јавниот долг бидејќи на тој начин има простор за задолжување од само една милјарда евра.Со тие пари, смета тој, може да се покрие само изградбата на пругата кон Бугарија и новиот Клинички центар.
„Со оглед на високата задолженост која ја наследивме од претходниот период и сите математики кои покажуваат дека нашата задолженост не може да оди над 60% од БДП, очигледно е дека државата сама нема да може да ги реализира сите проекти. Ние го одржуваме долгот околу 50% од БДП, или околу 5 милијарди евра, што значи и практично имаме простор за дополнително задолжување од околу една милијарда евра што е доволно, на пример, само за железницата кон Бугарија и новиот клинички центар“, вели Анѓушев за Дојче Веле.
Токму поради тоа, со советникот од германската влада Валтер Дефа се бараат начини за приватни иницијативи, јавно-приватни партнерства и директно кредитирање. Анѓушев се надева дека на ова поле може да помогне и Германската банка за поддршка на развојот со евтини кредити.