Аврамопулос тврди дека национализмот може да оживее судири на Балканот?
Објавено во: Балкан 28 Јануари, 2018
Комесарот на ЕУ за миграција, внатрешни прашања и државјанство, Дмитрис Аврамопулос вели дека популизмот, национализмот и иредентизмот се закануваат да го ребалканизираат регионот на Балканот.
Според него, ова може да ги оживее сите судири од минатото.
„Важно е да не се враќаме на темното минато и лидерите на тие земји да разберат дека е клучно размислувањето и делувањето во европски дух“- изјави Аврамопулос во интервју за грчката новинска агенција АНА.
Тој укажа дека земјите како Грција можат да имаат клучна улога во градењето мостови кои Западниот Балкан ќе го приближат до европското семејство. Аврамопулос се осврна и на прашањето за примена на обврзувачките квоти за релокација на мигрантите и барателите на азил, при што кажа дека механизмот за релокација е успешен, а дека правата и обврските на членките на ЕУ неможат да се бираат.
Воедно, ги поздрави и напорите на германската канцеларка, Ангела Меркел во бегалската криза. Рече дека Германија ѝ покажала на Европа и на целиот свет, што може да направи една земја базирана на хуманитарни и демократски вредности.