БАРААТ ДЕГУСТАТОРИ: Вработeните ќе треба да се преселат во Италија
Објавено во: Финансии 06 Август, 2018
Компанијата „Фереро“ неодамна објави конкурс и бара 60 дегустатори.
Од кандидатите се очекува да ги пробуваат производите на оваа компанија, меѓу кои се и кремот „нутела“, чоколадните топчиња „фереро“, чоколадите „киндер“ и бонбоните „тик так“.
Работата започнува од септември годинава, а избраните кандидати ќе учествуваат во платена програма за обука во времетраење од три месеци.
Вработените на овие позиции ќе мора да се преселат во италијанскиот град Алба, каде што се наоѓа седиштето на компанијата, пренесува „Дејли мејл“.
Огласот за работа е објавен на италијански јазик, што значи дека се очекува кандидатите да го познаваат овој јазик.
Тие ќе бидат запознаени со производите и нивните својства, а ќе научат и техники за нивно тестирање.
Откако обуката ќе заврши, најдобрите 20 ќе добијат работа, која од нив ќе бара да работат околу два часа, два дена во неделата.
Други услови кои кандидатите мора да ги исполнат е да знаат да користат компјутер и да немаат никакви алергии.
Оваа несомнено ќе израдува многу љубители на слатки, кои ваквата позиција сигурно ја сметаат за работа од соништата.