01 Декември, 2024
0.0265

Бели мечки

Објавено во: Колумни 10 Јануари, 2013

Добивај вести на Viber

Белите мечки живеат во непрегледните бели пространства на најсеверната точка од нашата планета - Арктикот. Поради климатските промени, загадувањето и искористувањето на овие предели за експлоатација на нафта и гас, белите мечки имаат третман на загрозен вид. Со оглед на тоа што нивната популација постојано опаѓа, тие подлежат на законска заштита во неколку земји од светот: Русија, Гренланд, Канада и САД. Со закон е забрането да се ловат белите мечки, да се увезува крзно од овие животни или да се врши експлоатација на нафта и гас во подрачјата каде што нивното присуство е доминантно. Заштитата на белите мечки е сосема оправдана. За жал, во теоријата и практиката може да се сретне законска заштита и на други субјекти кои воопшто немаат потреба од такво нешто. Или, ако сакаме да бидеме попрецизни, заштитата како „бели мечки“ на тие субјекти е сосема неоправдана и неаргументирана. Во нашето секојдневие постојано може да се сретне фразата дека некој е заштитен како „бела мечка“. Тоа најчесто значи дека тој „некој“ ужива одредени привилегии кои во никој случај не можат да му припаднат во услови на функционирање на правната држава и почитување на одредени норми на однесување. „Белите мечки“ можат да се сретнат и во светот на финансиите. Поточно, во светот на перењето пари и спроведувањето на мерки и активности за спречување на оваа појава. Кои се тие „бели мечки“? Ајде да го погледнеме Законот за спречување на перење пари. Во тој закон се наведени финансиски и нефинансиски институции кои имаат обврска за преземање на одредени постапки во функција на спречување на перењето пари. И додека во делот на нефинансиски институции е отидено во одредени крајности (дури и субјектите кои вршат купопродажба на возила имаат свои обврски во оваа сфера), на одредени финансиски институции им е дозволено да се однесуваат како „бели мечки“. Класичен пример за такви финансиски институции се друштвата за осигурување. Според Законот за спречување на перење пари, обврска за преземање на мерки и дејствија за спречување на перење пари имаат само друштвата за осигурување кои вршат работи на осигурување на живот. Сите други видови на осигурување не се опфатени со овој закон. Ако одиме понатаму со анализата, ќе забележиме дека согласно Законот за супервизија на осигурување, во Република Македонија постојат точно 23 класи на осигурување. Дел од овие класи на осигурување понатаму се расчленети на одделни видови на осигурување. Притоа, неживотното осигурување опфаќа 18 класи, а животното осигурување само 5. Да останеме во светот на бројките. Согласно извештајот на Агенцијата за супервизија на осигурување за третиот квартал од 2012 година, во Република Македонија има 15 друштва за осигурување. Од нив 11 друштва вршат работи на неживотно осигурување, а 4 вршат осигурување на живот. Во делот на бруто полисираната премија разликата е уште подрастична: околу 93% припаѓаат на неживотното осигурување, додека животното осигурување е застапено со околу 7%. 7%?! Животното осигурување во нашата земја е застапено само со 7%. Толкав дел од вкупните активности на друштвата за осигурување е покриен со Законот за спречување на перење пари кој го третира само животното осигурување. 93% од активностите на друштвата за осигурување остануваат непокриени кога е во прашање борбата со перењето пари. После банките, друштвата за осигурување се најзастапените финансиски институции во нашата земја. И додека банките и другите финансиски и нефинансиски институции преземаат низа на мерки и активности за спречување на перење пари, а во одредени ситуации се соочуваат и со драконски казни кои достигнуваат до 100.000 евра, најголемиот дел од друштвата за осигурување немаат речиси никакви обврски во борбата со перењето на пари. Навистина смешно делува кога само 7% од активностите на едни од најзначајните финансиски институции во Република Македонија се опфатени со Законот за спречување на перење пари. Сите се еднакви, само некои се поеднакви од другите. Или, сите се еднакви, само некои се заштитени како „бели мечки“. д-р Гоце Трајковски  

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.