27 Април, 2025
0.0297

Трамп брза, Путин одолговлекува, Европа исчекува, Украина очекува...

Објавено во: Колумни 14 Април, 2025 09:04

Добивај вести на Viber

Вчера се навршија 11 години од почетокот на воените дејства во Украина. На 13 април 2014 година украинските сили официјално ги започнаа борбите на Донбас, против проруските сили. Неколку месеци претходно „зелените човечиња“ помогнаа да се присоедини Крим кон Русија. Осум години подоцна со руската инвазија почна сегашната војна. Во меѓувреме беа пропуштени шансите за мирно решевање на кризата во Украина. Минските договори, кои би ја гарантирале суверноста на Украина на целата нејзина територија беа саботирани. Тоа можеше да се очекува од Русија и Украина, но никој не чекуваше дека зад саботажите стојат и нивните гаранти Франција и Германија. И така, сега сме во четвртата година од крвавата војна, со речиси еден милион настрадани. Кои загинати, кои ранети.

На власт во САД требаше да дојде Доналд Трамп, па да почне да се зборува за мир во Украина. За некој ден ќе измине третиот месец од претседателствувањето на Трамп. Тој од почетокот на мандатот зборуваше дека има намера војната да ја  заврши април-мај. Државнот секретар, Марко Рубио, пак, сметаше дека за мир ќе биде потребен некој месец повеќе. Судејќи по се’ Трамп не се откажува од својата намера. Во март ја притисна Украина и таа се согласи за примирје. Сега Трамп тоа го чека и од Русија. Во меѓувреме тој искажуваше незадоволство од Русија, демек таа се влече со одговорот за прекин на воените дејства, а и со некои искажувања на рускиот претседател, Владимир Путин. Како она, дека тој не го смета Владимир Зеленски за легитимен претседател на Украина и дека на таа земја и треба „принудна управа“ која ќе спроведе избори. Државниот секретар Рубио, пак, неодамна најави дека САД ќе чекаат одговор од Русија за примирјето „не месеци, туку недели“. И доколку одговорот би бил негативен, тогаш би можело да бидат засилени санкциите.. На пример, санкции кон државите кои ќе купуваат нафта од Русија. Пред некој ден Трамп за една година ги продолжи санкциите што ги донесе Џо Бајден во 2021 година против Русија, а кои во меѓувреме беа дополнувани. Рокот на санкциите истекуваше на 15 април.

На Трамп му се брза. За време на својата предизборна кампања тој се фалеше дека за постигнување мир во Украина ќе му бидат потребни 24 часа! И не случајно многумина повторуваат  дека мечтае за Нобеловата награда за мир. Неа своевремено ја доби претседателот Барак Обама, кој, пак, не донесе никаде мир. Трамп и Путин во март долго телефонски разговараа, но Путин како да не сака да му го направи тоа задоволство на Трамп. Му праќа мали подароци, преку неговите или американските преговарачи, но главниот подарок ќе чека подобри времиња. Русија сега е во офанзива на речиси целата линија на фронтот, постигнува успеси, па веројатно Путин смета дека за некој месец неговата позиција на фронтот ќе биде уште посилна, а со тоа ќе се појача и неговата преговарачка позиција. Па затоа и одолговлекува со решението за примирије.

ПРЕКИН НА ОГНОТ

На последниот брифинг во Стејт департментот, претставничката,  Теми Брјус, нагласи дека согласноста на Русија за примирје е клучен момент во односите со САД. Дека на дневен ред на преговорите со Русија има само една точка, а тоа прекин на огнот. Но, за Русија во моментов е многу поважно нормализирањето на односите со САД, кои за времето на Бајден беа практично замрзнати. Брјус, пак, вели дека ќе нема друга динамика, додека не се расчисти работата со примирјето. Зашто, Вашингтон не  сака мировното решение да се растегне на половина или на цела година. ВО петокот во Русија допатува, Стив Виткоф, специјалниот пратеник на Трамп и се сретна со претседателот Путин. Кремљ сувопарно соопшти дека тема на средбата биле „аспектите на украинското решавање“. А разговорот траел подолго од четири часа. Доволно време да се разгледаат повеќе аспекти. А не само прекинот на воените дејства.

Во првите разговори околу примирјето во Украина, Владимир Путин, постави услов, за примирје во Украина, да се прекине мобилизацијата и испораката на оружје. Во поглед на примирјето на море, тој побара укинување на сите санкции кон Русија кои се однесуваат на рускиот извоз на земјоделски производи и вештачки ѓубрива. Никој отстрана, засега, не знае што зборувале Путин и Виткоф. Може да се насетува, според некои следни чекори или изјави на Трамп. Тој во саботата во претседателскиот авион на новинарите им изјави дека мисли оти „односите меѓу Украина и Русија можат добро да се развиваат и за тоа брзо ќе дознаете. Тој додаде дека :„ Дојден е моментот, кога треба нешто да направите, или да замолчите и ние ќе видиме што ќе се случи. Но јас мислам дека се’ оди добро“. Ден претходно Трамп ја повика Русија да „мрдне“ во  постигнувањето договор за прекин на огнот.

Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, во саботата изјави дека Русија позитивно ги оценува дипломатските контакти со американските претставници, а кои течат веќе неколку недели. „Се’ оди многу добро“, изјави Песков. Според него има контакти на неколку нивоа, Министерството за надворешни работи, специјалните служби и специјалниот пратеник на Путин, Кирил Димитриев. Но, „не може да се очекуваат моментални резултати после штетата која ја нанесоа на обостраните односи дејствата на Бајден“, рече Песков. Во поглед на евентуална средба на Путин и Трамп, Песков рече дека ќе има, но нејзината подготовка „бара повеќе работа, бара повеќе време“.

Оптимизмот на Трамп и внимателноста на Кремљ можеби ќе вродат со некаков плод. Наредниве недели ќе го покажат тоа. Но дали Путин ќе биде задоволен со она што јавно го бараше. Со присоединување на четирите области кои и сега ги контролира Русија, потоа промени во внатрешната политика на Украина, признавање на рускиот статус на териториите, Украина-надвор од НАТО, намалување или укинување санкции. Дали ќе има нови барања? Дали е подготвен да се бори за сето тоа доколку Трамп не се согласи со неговите барања? Но, Русите како да гаат некаков заеднички оптимизам со Трамп. Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи, викендов го пофали Трамп дека „подобро го разбира конфликтот во Украина, отколку кој било друг западен лидер.

ДО МИР СО СИЛА

За американските реакции на руските барања има повеќе верзии. На пример дека САД воопшто немаат намера да исполнуваат некакви претходни услови на Русија. Прво ќе бараат прекин на огнот, а потоа „да разговараме за другите работи“. Но има верзија која може да се најде на повеќе места. А тоа е дека Русија и САД веќе се договориле за се’, па дури и за она што не се спомнува јавно, а сега Трамп игра пред публика, за да покаже како доаѓа „до мир со сила“. Во прилог на ова се и тврдењата дека Трамп и Путин се’ се договориле. Не случајно Кирил Димитриев спомнуваше Арктик, ретки метали и сл. И Трамп не случајно го спомнува Гренланд. Можна е зделка за Арктикот, за Северниот морски пат, кој ги поврзува Атлантскиот и Тихиот океан, а е под контрола на Русија и нејзините атомски мразокршачи. Нормализацијата на односте меѓу Москва и Вашингтон за Трамп може да значи и пристап на американскиот бизнис до руските ресурси , ретките метали, нафтата, гасот, но и отворање на рускот пазар за американски стоки. Во оваа игра може да биде вклучена и Кина!.

 Кит Келог, пратеникот на Трамп за Украина, вчера, по гинењето на цивили во Суми, посочи дека токму поради тоа „претседателт Трамп ги вложува сите напори за да ја прекине таа војна“. Околу Суми вчера со изјави се јавија многу европски лидери. Џорџа Мелони, премиерката на Италија го осуди рускиот ракетен удар. Таа тоа го нарече неприфатливо насилство „кое противречи на било која реална приврзаност кон мирот, која ја пропагандира претседателот Трамп, а е искрено поддржана од Италија..“ Урсула фон дер Лејен изјави дека се потребни решителни мерки за прекин на огнот. Европа со партнерите силно ќе ја притиска Русија, додека не престане крвпролевањето и не се постигне праведен и траен мир на украински услови“. И британскиот премиер, Кир Стармер ја повика Русија да се согласи на  итен и безусловен, целосен прекин на огнот. Кон него се приклучи и финскиот претседател Александар Стуб, кој побара да се натера Русија сериозно да се однесува кон преговорите и засилување на санкциите против неа. Германскиот канцелар во заминувае Олаф Шолц рече дека војнататреба да заврши и дека Русија мора да се согласи на сеопфатен прекин на огнот. А францускиот претседател Емануел Макрон е уверен дека Русија избира да ја  продолжи војната, наспроти предлозите на Трамп.

Ако забележите во ниту една изјава нема ништо од она што се декларираше до пред некој месец. Поддршка на Украина за „борба до победа над Русија“.Има повикување на Трамп. Сега кога се отворија картите дека всушност во Украина се води посредна војна на Западот, пред се САД и Британија, со Русија, војна подготвувана со години пред 24 февруари 2022 година, војна во која жртвен јарец е Украина, сега, кога за тоа проговори и Трамп, сите од Европа не го вадат него од уста. Се залагаат за прекин на војната, а исчекуваат како ќе одат преговорите на САД и Русија за мир во Украина и резултатите од нив. За војна зборуваат само Балтичките земји, а Британија и Франција, како да водат оро за идно поствоено гарантирање на безбеднста на Украина.

КОАЛИЦИЈА НА СОГЛАСНИТЕ

Но,  тука работите не им одат од рака на Европјаниве. Преговорите за испраќање на воен контингент од страна на „Коалицијата на согласните“ во Украина пропаднаа. АФП соопшти дека само шест земји од 30 учесници во коалицијата се подготвени да испратат војници во Украина. Веќе ги спомнав балтичките, а кон нив се Британија и Франција. Шстата не ја ни споменуваат. На некои учесници од коалицијата не им е јасно што би требало да прават во Украина? Шведскиот министер за одбрана, Пол Јунсон, вели дека пред да се земе обврска: „Би било добро да се разбере што ќе повлече со себе таа мисија, и што ќе треба ние да работиме: да го одржуваме мирот, да одвраќаме или да напаѓаме со сили за смирување“? Коалицијата е свесна дека не може да направи ништо без Американците и нивни гаранции за заштита во случај на судир со Русите. Нема да е чудо оваа коалиција предводена од Франција и Британија, да заглави без американска поддршка. Веќе има најави за испраќање на набљудувачка мисијата по вспоставување на прекин на огнот. Но што ќе биде тогаш со вената мисија засега не се знае.

Конечно не е се’ така идеално и во односте меѓу Вашингтон и Киев. Настрана од притисоците за прекин на војната, САД притискаат  врз Украина и околу зделката со ресурсите. Трамп му се закани на Зеленски дека  ќе има големи проблеми доколку не се согласи да ја потпише. И тоа наредниве недели. Како и што можеше да се очекува сега договорот е пожесток отколку оној кој требаше да биде потпишан во Вашингтон, кога дојде до скандалот во Белиот дом. Украина го доби американскиот предлог и првата реакција беше дека таа ќе стане американска колонија. Па Киев направи свој одговор на американскиот предлог . Минатата недела во Вашингтон беше украинска делегација. Не е јасно што се договориле со Американците. Едно е јасно. Новата американска варијанта на договорот не содржи безбедносни гаранции за Украина. Но Украина очекува дека ќе се направи нешто во таа насока. Впрочем, ако ресурсите се во американски раце, преку заедничкиот фонд во кој ќе доминираат Американците, ако гранспортниот гасовод и целата гасоводна мрежа во Украина кој води кон Европа и пристаништата се под капата на САД, тогаш тие ќе ги штитат своите активи. Па било и од Русија.  Посредно ќе биде заштитена и безбедноста на Украина.

Може ли Украина да не го прифати договорот? Таа очекува комрпромиси. Доколку ги нема може да се откаже од потпишување. И тогаш Трамп ќе збесне. Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, веќе изјави дека склучувањето на зделката е дел од планот на Трамп за завршување на војната во Украина. Тоа во Украина го протолкуваа како порака:„ Не потпишувате! Америка крева раце и понатаму војувајте без наша помош“. Секако ова може да смета и како дел од притисок и застрашување. Може и да не дојде до раскинувае на односите со САД, но некој ќе има последици. Дали Украина, дали Зеленски, секако.

Во Украина очекуваат да се јави Вашингтон со став околу изјавата на Стив Виткоф дека најбрз пат до мир во Украина е признавање на рускиот статус на четирите украински области. Луганската,Доњецката, Запорошката и Херсонската. Украина ќе чека став од Вашингтон и за едно интервју на Кит Келог. Само некој ден по Виткоф се јави и Келог со предлог за управување со Украина.  Лондонски „Тајмс“ пренесе дека тој се залага за поделба на Украина како Берлин. Со зони на вијание, но сега без САД. Русија би ги задржала териториите што се под нејзина контрола, а Франција и Британија би се распоредлие  во средиштето и на западот на Украина. Келог рече дека бил лошо интерпретиран. Дека не се залагал за поделба на Украина. Како и да е, овој предлог не е прифатлив ни за Украина, ни за Русија. Ако биде прифатен од Украинците тогаш тоа ќе значи реализација на руските тврдења дека Украина ќе биде поделена. А исто така може да се јават и Полска и други соседи на Украина со свои амбиции. Русија, воопшто не е за разместување на западни сили, посебно од членки на НАТО во Украина. Во Украина и опозицијата е во очекување. Петар Порошенко, поранешниот претседател во нтервју за „Њујорк Тајмс“ бара формирање влада на национално единство за да може подобро да се одговори на предизвиците.  Ова значи дека Украина може да се најде во политичка криза, кога е најмалку потребно. Особено што Порошенко и Зеленски се лути противници.

Како и да одат работите, настаните во наредните недели ќе внесат многу јасност околу Украина. Во прв ред дали Киев и Вашингтон ќе го потпишат договорот за ресурсите. А секако и евентуалниот договор за прекин на воените дејства, на преговорие меѓу САД и Русија, со кои ќе се отвори патот кон мировен договор. Потезите кои ги влечеше Трамп последниве денови со царините, па нивно повлекување, па замрзнување, само ги девалвира неговите квалитети. Тоа Путин ќе знае да го искористи. И секако Трамп ќе излезе во пресрет на неки руски барања. А Европа? Таа ќе биде на стенд-бај. И само ќе гледа кон Вашингтон и Москва, чекајќи некаков знак за мир. Брисел ќе го благослови Трамп, ако донесе мир во Украина.

Трамп вели:„Се’ оди добро“, а Песков додава:„ Се оди на многу добро“. Да не излезе дека и „од многу арно, не е на арно“

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Довербата кон Путин не опаѓа

Довербата кон Путин не опаѓа